Врнежите (привремено) ги спасија стрништата

Само мал број земјоделци го злоупотребија сушниот период пред најавениот дожд и снег, кои од вчера започнаа да врнат, за да ги запалат стрништата со се сламата во нив, во оризовите плоња. Во денови на викендот задими од неколку локации во кочанските оризови полиња, главно во чешиновско-облешевскиот реон, каде пламените јазици се гледаа и во ноќните часови. Сепак, оваа есен изостанаа масовните палења, што е знак дека колективната свест за штетите од опожарување на полињата се подигнува на повисоко ниво.

Проблем сепак е фактот дека сламата остана во нивите несобрана, па сега по врнежите, ќе мора да се чека пролетта за да се исуши и да може да се балира. Истовремено се поставува прашањето, дали и тогаш земјоделците ќе останат дисциплинирани во поглед на непалење на стрништата, или притиснати од роковите за орање на нивите и сеидбата, ќе мораат да се ослободат од сламата на најбрз и најлесен начин.

Како и да е, за да се стави ред во овој комплексен сегмент, неопходно е сите теоретски мерки, утврдени низ  истражувања и проекти, да добијат практична реализација, со јасна распределба на задачите на секој засегнат субјект. Конкретно, да се знае кој ќе ја собира сламата, кој и каде ќе ја прифаќа и складира, и како ќе се регулираат трошоците околу сето тоа. Бидејќи без целосно решение, во февруари или март и април, повторно ќе пламне Кочанската Котлина, со сите последици од опожарувањето.

Сподели: