И BMW и АУДИ, ама Југо си е Југо

Како Југо нема друго. За овој автомобил се поврзани многу спомени, судбини и доживувања на генерациите од екс-ју периодот, но и по него, бидејќи многу брзо ја освои тогашната работничка класа. Во Кочани, вработените во Индустријата „Руен“ со одредени поволности, чекаа на список, за да го дочекаат радосниот момент кога ќе го добиеја најчесто првото возило во семејството.

За „југото“ се поврзани многу анегдоти. Една од најшегобијните вели: за да ја затвориш на жената устата и на „југо“ вратата – треба силно да ги треснеш.  

Инаку, првиот автомобил „југо 45“, бил изработен рачно на 2 октомври 1978 година, за потребите за презентацијата на претседателот Јосип Броз Тито. За автомобил на годината е прогласен во 1981-та. Од 1980 до 2008 година произведени се вкупно 794.428 примероци од неповторливото југо, кое царуваше на патиштата на 22.милионска Југославија, а доживеа и да биде извезено во САД.

Рекорден број од 118.237 примероци се произведени во 1989 година. Непосредно пред Нова Година, 1988-ма, во погоните на Застава, во еден ден се склопени за тогашни прилики, неверојатни 539 возила.

Во документацијата на Заводите „Црвена Застава“ стои дека последниот автомобил, што е симнат од лентата бил Југо корал 1.1, економик, со вишна боја. точно на 11 ноември 2008 година.

Сопственици, кои со љубов го одржуваат своето возило и денеска низ кочанските улици возат „југовци“ во одлична состојба и техничка исправност, и велат дека не би го менувале за друга кола, бидејќи каде тоа ќе помине, многу други не можат. Освен тоа изискува минимални трошоци за одржување.

Сподели: