Езерце среде Пониква, на никој не му пречи (?)

Секој посетител на Пониква може да го забележи малото езерце на патот кој води кон Манастирот Св. Василиј Велики, во близина на Инфо центарот. Оштетувањата на асфалтот се толку големи што возачите се двоумат дали да поминат низ матната вода, бидејќи не знаат што се крие под неа. Поради тоа едни скршнуваат и возат по тротоарот, а други ризикуваат и газат преку водата. Инаку, посетителите велат дека е добро што патот од Кочани до Пониква е идеално рамен и без оштетувања, но во самиот рекреативен центар недоволно е направено, што ги одвраќа туристите. Деформитети и оштетувања на патот има и на угорнината од паркингот кон угостителските објекти, што им пречи на сопствениците на скапи возила. Зиме речиси непрооден е патот до Мотелот „Кај Мице“. Неуредена е и пешачката патека која низ шумата води до овој сместувачко-угостителски капацитет.

Грда слика за посетителите е и расфрланото ѓубре околу контејнерите покрај паркингот, но неа ја создаваат токму тие што престојуваат на Пониква, бидејќи не се води сметка како и каде се фрлаат отпадоците. Прашањето е дали ќе се чека подебела снежна покривка за да ги покрие оштетувањата но и тоа што туристите го оставаат зад себе, заборавајќи дека се наоѓаат во чиста планинска средина, која е штета да се загадува само поради лоши навики.

Сподели: