Кочанчани најодлучно им се заканија на загадувачите … или ние, или вие.

Најмасовно и најодлучно до сега, денеска граѓаните на Кочани излегоа на протест против најголемиот загадувач на воздухот од страна на Фабриката Пајпер Мил и побараа истата да обезбеди соодветна заштита, или да биде затворена. Ова е последна опомена за сопствениците на Бугарската компанија, која стои зад фабриката, бидејќи наредниот чекор ќе биде целосно блокирање на капацитетите, извикуваа говорниците и присутните. Некои од нив посочувајќи дека вината за работењето и загадувањето на Пајпер Мил е во институциите во општината и државата.

Говорниците укажаа на досегашните активности организирани со цел спречување на загадувањето

-До сега беа организирани неколку протести, беа поднесени кривични пријави, како и други мерки и активности за исполнување на еколошките стандарди на Пајпер Мил. Сето тоа не ги даде потребните резултати, поради што граѓаните се принудени да преземат порадикални мерки.

Најинспиративна и најжестока во дискутијата беше Благица Бато Сабовљевиќ, која ги критикуваше и сопствениците и власта, нарекувајќи ги криминалци, олигарси и профитери кои се богатат на грбот и за сметка на здравјето на граѓаните. Таа меѓу другото рече:

Ова е последна опомена за одговорните за загадувањето во Кочани, бидејќи покрај најголемиот загадувач, тука се и помалите, кои придонесуваат Кочани да биде меѓу најзагадените градови во државата, а граѓаните да се трујат. Таа ги прозва здравствените работници зошто не кажат колкав е бројот на граѓани со белодробни заболувања, како последица на систематското труење. За неа е неприфатливо инспекциските служби и институциите да се однесуваат игнорантски на загадувањето и загадувачите.

Говорниците повикаа и на самоиницијативни откази на вработените, со цел да придонесат да преките работата на фабриката.

Потоа на повик на организаторите на протестот, граѓаните се упатија кон влезот на фабриката со намера да влезат и во кругот на истата, но беа спречени од полициски кордон пред влезната капија.

И вториот обид да влезат од спореден влез не успеа, односно беше спречен.

По извесно време топлата со коли се упати кон зградата на Општина Кочани, за и тука да го изразат своето незадоволство поради неефикасноста на надлежните служби и институции.

Сподели: