Ќе поскапи ли лебот, и колку?

Дали Ковид кризата ќе предизвика зголемување на цените на лебот и на прехранбените продукти, и за колку, е суштинското прашање кое во последно време со доза на загриженост си го поставуваат граѓаните. Стручњаци од пекарската индустрија велат дека производителите на леб сами ќе го определуваат поскапувањето на лебот и очекуваат тоа да се движи од 25 до 30 проценти. Според овие проценки, лебот кој сега се продава по 25 денари за килограм, може да достигне цена од 30 денари за килограм. Тоа значи дека едно четиричлено семејство на кое дневно му се потребни два леба, месечно ќе треба да издвои додатни 300 денари.Од Здружението на мелничко-пекарската индустрија во Стопанската комора на Македонија, велат дека поскапувањето на пченицата трае во континуитет веќе неколку месеци зашто побарувачката поради корона кризата е зголемена. На светските брзи цената на тон пченица во овој период од годината вообичаено се движеше околу 140 евра за еден тон, а сега се движи меѓу 190 и 210 евра за тон. Земјите во светот почнаа да си ги зголемуваат залихите на пченица. Сите стравуваат дали ќе имаат доволно храна, зашто не се знае до кога ќе трае кризата. Особено ако се има во предвид дека растот на цената на основните земјоделски производи, односно на примарното производство многу веројатно ќе предизвика раст и на цените на преработките. Можеби охрабрувачко е тоа што во следните десет години светското производство на жито се очекува да се зголеми за околу 85 проценти.

Сподели: