Реките ги полнат браните, Масалница истекува неповратно

Долготрајните и повремено интензивни врнежи од дожд кои на почетокот на годинава го зафатија регионот, придонесоа за значително зголемување на водостојот на реките во сливните подрачја на вештачките езера. Акумулацијата Калиманци, која на крајот на минатогодишната наводнителна сезона остана на најниската кота, со минимални резерви на вода, сега забрзано се полни, бидејќи реките Брегалница, Каменичка Река и другите помали, обезбедуваат прилив и до 20 кубни метри во секунда. Како резултат на регистрираниот прилив, овде за неколку дена количините од 25.милиони пораснаа на 35.милиони кубици вода, што претставува една четвртина од максималниот капацитет на езерото од 120.милиони кубици.

Во Водостопанство Брегалница се надеваат дека вакви врнежливи периоди ќе има и во наредните месеци, што би овозможило полнење на акумулациите и санирање на состојбите со акумулираните количини вода, кои уште од лани диктираат рестриктивни сеидбени планови и намалени површини за наводнување.

Од друга страна, земјоделците од оризарско и поширокиот регион со жалење гледаат на надојдената Масалница, чии води истекуваат неискористени, бидејќи изградбата на Браната Речани и понатаму неоправдано се одолговлекува, поради разни објективни и субјективни причини.

Сподели: