„Пејпар Мил“ се затвора, 120 вработени на улица

120 работници од Кочани, кои беа вработени во Фабриката за рециклирање на хартија Пејпар Мил, од денеска не одат на работа. Дали ќе ги добијат отказните решенија, или не, ќе одлучи Бугарскиот сопственик на компанијата. Во секој случај, одлуката за затворање на фабриката е донесена во текот на вчерашниот ден.

Според менаџерскиот тим, причина за затворање на Пејпар Мил е неисплатливоста во производствениот процес како енергенс да се користи метан, наместо „загадувачките“ пелети, иако добиле позитивни резултати од две лаборатории. Сепак резултатите од лабораторијата што ја ангажирал Државниот инспекторат за животна средина биле негативни, по што следувала казна од 20.000 евра, а подоцна и налог за замена на пелетите со метан.

Инаку, од Пејпар Мил соопштуваат дека во меѓувреме бил направен план за нови 60 вработувања со проширување на производствениот процес во соседните погони на некогашната фабрика за целулоза и хартија, каде требало да се инвестираат 1,5 милион евра, а подоцна да се вложат уште пет милиони евра. Но, сето тоа нема да се реализира, затоа што фабриката не можела да работи на дневно-политичка основа.

Фабриката „Пејпар мил“ во текот на 2020 година беше посочувана како еден од главните загадувачи на воздухот во Кочани, поради што се одржаа повеќе граѓански протести. На нив се повикуваа вработените да ги напуштат работните места, оти ќе им се нашла нова работа.Но што ќе се случува и со фабриката и со вработените, главно ќе одлучи сопственикот од Бугарија.

Сподели: