Една фотеља, многу кандидати за градоначалник

Како приближуваат локалните избори, предизборната атмосфера се повеќе се загрева, а политичките случувања и теми се се поприсутни меѓу граѓаните. Некои тоа го форсираат преку проекти, други преку прес конференции со кои полека ја бомбардираат јавноста, трети со коментари какви ќе бидат изборите. Во партиските кулоари од почетокот на оваа изборна година најмногу се зборува за можните кандидати за градоначалничката функција, особено во двата доминантни политички блока, каде веќе се вртат голем број имиња. Иако, можеби во сенка, но значајно внимание им се посветува и на советничките листи, каде исто така голем е бројот на заинтересирани, кои би сакале да фатат место во првите, или другите редови во Советот на Општината. Меѓутоа, од општинските ограноци на партиите засега молк, бидејќи како што велат, не сакаат да шпекулираат со имиња.

Тоа што дополнително ја подгрева политичката атмосфера е внатрепартиската борба преку влијателни поединци и фракциски групи кои имаат свои фаворити и интереси, за да истрчаат пред гласачите, иако тие не секогаш се објективни и во склад со потребите на граѓаните. Но, и во политиката, како и во многу други нешта, целта ги оправдува средствата.

Логично, пожестока битка за добивање кандидатура за градоначалник или советник се води во владејачкиот политички блок, затоа што неговите припадници сметаат дека ја има фаворитската улога на изборите. Тоа значи дека имињата кои се вртат веќе ја трчаат трката со пречки за да ги совладаат и да истрчаат први пред електоратот. А кога е во прашање коалицијата предводена од СДСМ, се спомнуваат актуелниот градоначалник Николчо Илијев, за кој се вели дека не случајно на Пониква и Добра Вода го донесе партискиот врв и пола влада, патем форсирајќи голем број проекти. Многумина сметаат дека неговата стратегија е приоритетно лобирање во Скопје, отколку во базата.  

Внимание во јавноста привлекуваат и неколку други кандидати од бизнис секторот, но нивниот став е дека не сакаат да се шпекулира со нивните имиња.

Не помалку неизвесна е трката за избор на кандидат за градоначалник и во ВМРО ДПМНЕ како предводник на опозицијата на локално ниво. Јавноста засега шпекулира со имињата на бизнисмени, поранешни политички функционери на локално и државно ниво,  како и на неколку други партиски кадри кои имаат нескриени амбиции за престижната функција-татко на градот, а кои очекуваат да бидат потврдени на седница на Општинскиот комитет.

Левица се чини сеуште е во дилема дали на овие локални избори да учествува со кандидат за градоначалник, или да остане само на советнички листи, каде веројатно веруваат во поголем успех.

Познавачите на политичките прилики во општината немаат дилема дека еден од пресудните аргументи на партиите при изборот е, кој кандидат покрај партиските, ќе ги придобие и неопределените гласачи. Токму затоа со особено внимание и анализи ќе се оценуваат  квалитетите на секој поединец, низ анкети ќе се мери јавното мислење за нив, за некаде во октомври, годинава, на денот на гласањето, да се излезе со адут кој би ја оправдал довербата и би довел до целта.

Сподели: