Акумулациите се полнат, сеидбениот план со проблеми

Во моментот во Калиманци се акумулирани безмалку 90.милиони кубни метри вода, што е само 30 милиони под максималниот капацитет од 120 милиони кубици вода. Со оглед на фактот дека до пуштањето на водата од акумулациите во хидросистемот Брегалница, преостануваат цели два месеца, состојбата е мошне оптимистичка. Особено ако подолго се задржи дотокот од 10 м3 вода која се влева во езерото, што може да се очекува, поради залихите од снег на планините долж течението на реката Брегалница и другите притоки.

Тоа што вода за овогодишната наводнителна сезона ќе има доволно, не значи дека водостопанствениците и водокорисниците немаат проблеми уште сега, околу донесувањето на планот за сеидба. Поделеноста по структура на културите, но и со политикантство, создаваат кавги меѓу земјоделците во полињата и го доведуваат во прашање навременото извршување на сеидбата.

Инаку, неофицијално, сеуште не е утврден сеидбениот план, меѓутоа меѓу земјоделците се верува дека и годинава под ориз ќе бидат посеани 3000 до 3500 хектари, што е приближно на минатогодишно ниво, со таа разлика што сега има повеќе вода во споредба со ланската предсезона.

Сподели: