Кого брани, а кого напаѓа новинарот ?

КОИ ПРИСУТНИ НОВИНАРИ ВО САЛАТА БЕЗ НОВИНАРИ, САКАШЕ ДА ГИ ОДБРАНИ УРЕДНИКОТ НА ВТОРАТА ТЕЛЕВИЗИЈА ВО КОЧАНИ, КОГА ВО КОМЕНТАРОТ НАПАЃА ОДДЕЛНИ МЕДИУМИ. АКО НЕКОЈ Е СОПСТВЕНИК И УРЕДНИК НА МЕДИУМ, ДОПИСНИК НА АГЕНЦИЈА, И ИМА СЕМЕЈНИ РЕЛАЦИИ СО ОПШТИНАТА, А АДРЕСИРА ПОЛИТИЧКА ЉУБОВ НА ДРУГА АДРЕСА, ТОА ЗНАЧИ ДЕКА ПОГРЕШНО НИШАНИ СО ОТРОВНАТА АМОРОВА СТРЕЛА.

На место е реакцијата на уредникот на една локална телевизија во однос на дискусијата на поедини советници, на моименти бранејќи ги сите новинари кои биле присутни (!?), во салата на МКЦ, и ја следеле седницата на Советот на Општината. Како што делумно е на место и личната критика на советничката, за извршувањето на функцијата на медиумите и нејзиниот сомнеж за нивната објективност, поради комплексен сплет на околности на локално ниво, а од опозициски аспект. Иако, во објективни околности, таквиот „сомнеж“ заслужува уште пожестока реакција.

Но, како реакција на реакцијата, е згрозеноста на одговорните во првата телевизија, од спомнувањето и споредувањето на некои времиња, кога некои медиуми поради „љубов“ со општината добивале по 15-тина илјади евра, годишно ! Тенденциозно, неточно и злонамерно.  Па, не во некои времиња, туку сега, на последните избори, некој доби над милион денари, а другите 5 до 7 пати помалку, или – трошки. Зошто? Можеби  затоа што во некои времиња претходно, некој беше директор на државната Радиотелевизија Кочани, друг во меѓувреме се вработи во општината, трет се избори за функции и други привилегии, и така натаму. И, сите тие во градот прават еден триаголник, кој има карактеристики на монополско-режимско, со примеси на судир на интереси. Но, ако ги враќаме тие аргументи, ќе се прошири полето на докажување кој, што и како …

Само како потсетување, во тие лоши времиња,  двете телевизии  имаа и двојно и тројно повеќе вработени и создаваа поквалитетна програма, додека егзистираа главно од приходите од државата, кои беа доминантни. И пак, повеќе или помалку, ја критикуваа особено локалната власт. За, сега, кога им свртеа грб и државата и општината, истите да се сведат на по два-тројца вработени, кои одвај преживуваат.

Тоа што е несфатливо од аспект на реалноста е, како може во време кога се создаваат услови, медиумите , вклучително и двете кочански телевизии, преку Здружението „Медиум Објектив“, да се изборат за соодветен третман на државно ниво, на некој на локално да му студи од ланскиот снег. Џабе ли Светот и политичарите, не учат да гледаме напред!

Сподели: