Необележаниот пат однесе во провалија џип, и уби 31-но годишна девојка

Триесет и едногодишна девојка од селото Прибачево, Кочанско, ноќеска загина во сообраќајна несреќа што се случи на регионалниот пат Кочани-Пониква, кај местото Аеродром.

До несреќата дошло кога возачот на автомобилот со кој патувале од Пониква кон Кочани, не го забележал скршнувањето, продолжил кон провалијата, и иако се гледаат траги од кочење, излетале и се забиле помеѓу боровите насади. Џипот Туарек, со бугарски регистерски таблички, кој е целосно уништен, го управувал И.А. (38) од селото Облешево, Кочанско, кој исто така се здобил со телесни повреди. Во возилото во моментот на несреќата имало и друга сопатничка, на 28 годишна возраст, која се здобила со тешки телесни повреди, констатирани во Општата болница Кочани.

Обвинител од Основното јавно обвинителство заедно со увидна екипа извршило увид на местото на несреќата, по што ќе следува истрага за причините поради кои се случила. Во текот на денот возило на противпожарната служба со часови се обидуваше да го извади уништеното возило од провалијата. Граѓани кои во текот на денот го посетуваа местото на несреќата, коментираат дека патот на потегот каде се одвојува од аеродромската писта, е необележан и без сообраќајна сигнализација, поради што доволно е само мало невнимание да се направи кобна грешка, посебно возачи кои за првпат возат по него. Опасноста е уште поголема во услови на мрак и магла.

Сподели: