Во завршна фаза на градба се двата од планираните пет кружни текови на „Тодосија Паунов“

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев денеска извршија увид во активностите на улицата „Тодосија Паунов“, каде се градат два од планираните пет кружни текови.
– Целта е да ги подобриме безбедноста и протокот на движењето. „Тодосија Паунов“ е прометна улица, која се вкрстува со повеќе други улици, место каде често се случуваат сообраќајни незгоди. Проектот на Општина Кочани за изградба на пет кружни текови е поддржан со 6 милиони денари од централната власт. Задоволни сме што кај Министерството за транспорт и врски наидовме на разбирање за решавање прашања од локален интерес, а поддршка имаме и за реконструкцијата на улиците „Гошо Викентиев“ и „Раде Кратовче“, за кои тече јавната набавка за избор на изведувач – соопшти градоначалникот Илијев.
– Ова е пример како партнерски се работи за подобрување на квалитетот на животот. Знам дека во Кочани никогаш вака не се градело и многу проекти на кои долго се чекало, денеска се во фаза на реализација. Овие интервенции значат поголема безбедност за учесниците во сообраќајот – изјави Благој Бочварски, министер за транспорт и врски.
При увидот во градбата на кружните текови беше истакнато дека во Кочани во тек се работи и на улиците „Искра“ – крак 1, „Ване Грдовјански“, на „Станбената улица“ зад Поштата, како и на улицата „Кирил и Методиј“. Во тек се и неколку јавни набавки за проекти со кои се решаваат крупни инфраструктурни прашања.
Деновиве се очекува да започне реконструкцијата на левиот коловоз на „Тодосија Паунов“ којашто се реализира преку програмата на Светска банка, со поддршка од Министерството за транспорт и врски.

Сподели: