Кочански пациенти го полнат инфективното во Штип

СЕ ПОГОЛЕМ БРОЈ ПАЦИЕНТИ ОД КОЧАНСКО ПРИТИСКААТ ЗА МЕСТО ВО ПРЕПОЛНОТО ИНФЕКТИВНО ОДДЕЛЕНИЕ ВО ШТИП, КАДЕ СЕКОЈ ДЕН СЕ ОДИГРУВААТ ДРАМАТИЧНИ СИТУАЦИИ ВО БОРБАТА СО ПАНДЕМИЈАТА. НА КРЕВЕТ ТЕШКО БОЛНИ ЧЕКААТ ВО РЕД, КИСЛОРОДОТ Е ПРВИОТ УСЛОВ ДАЛИ ЌЕ СЕ ПРЕЖИВЕЕ, ИЛИ НЕ. ДРАМАТА ВО ИСТОЧНОМАКЕДОНСКИОТ ВУХАН ПРОДОЛЖУВА.

Драматична е ситуацијата на Инфективното одделение во Штип, каде на часовна основа се докомплицира напнатоста, поради напливот на се потешки и потешки пациенти. Амбулантните возила завиваат од правец на сите населени места во источниот дел на државата, превезувајќи пациенти за кои треба да се ослободи прво кревет, да се приклучат на кислородна поддршка и да се започне интензивната терапија. Персоналот истрошен до последен атом, трча од итен на поитен случај, обидувајќи се да им помогне на болните, ама да се стигне навремено до секој, не е возможно.

Од Инфективното во Штип велат дека нема ниту еден слободен кревет. Секој ден е се покритично. На моменти и до половина од вкупниот капацитет од 70 тината пациенти е пополнет со болни од Кочани и другите градови.

Покрај креветите, најголем проблем е кислородот. Големите метални боци се празнат брзо, особено при зголемени потреби на болните. Регулаторите функционираат проблематично. Практично, амбиентот во болничките соби е како во механичарска работилница.

Драмата во источномакедонскиот вухан продолжува од ден во ден, без било кој да може да каже што ќе се случува утре или за неколку дена. Дали и до кога ќе издржи персоналот, кој не знае кога е ден а кога ноќ. И колкав цех во загубени животи ќе плати регионот? А надлежните најавуваат шпиц на пандемијата во наредните десетина дена.

Сподели: