Илјадници евра за живот

ПО ЦЕЛА ГОДИНА КОВИД 19 КРИЗА, ВО КОЈА СЕ ГУБЕА ЖИВОТИ И БАНКРОТИРАА СЕМЕЈСТВА, ОДГОВОРНИТЕ ВО ДРЖАВАТА КОНЕЧНО НЕДЕЛАВА ЌЕ ГИ УБЕДУВААТ ПРИВАТНИТЕ ЗДРАВСТВЕНИ УСТАНОВИ ДА ИМААТ МИЛОСТ КОН ПАЦИЕНТИТЕ. ВО НАПЛИВОТ НА ТРЕТИОТ БРАН, ЗАБОЛЕНИ НУДАТ ИЛЈАДНИЦИ ЕВРА ДА ДОБИЈАТ КРЕВЕТ ВО ПРИВАТНИТЕ БОЛНИЦИ. ПРИЈАТЕЛСТВА И ВРСКИ СЕ КОРИСТАТ И ВО ЈАВНОТО ЗДРАВСТВО, КОЕ ИСТО ТАКА Е ПОД ОГРОМЕН ПРИТИСОК НА НОВОЗАБОЛЕНИ.

Во налетот на третиот бран на Ковид 19, кој буквално коси животи низ државата, речиси никој, или само во тесни кругови се забележуваат семејните и човечките судбини кои зависат од парите. Во поедини случаи животот знае да чини и до 30.000 евра, за лекување по приватните здравствени установи, а може да се спаси или загуби и за неколку евра. Сепак најтешко е кога поедини семејства ќе останат и без заболениот и без средствата, па подоцна следува долг и тежок период на опоравување од драмите, трагедиите и финансиските издатоци.

Најголем проблем сепак е тоа што државата, преку своите институции, не најде начин, барем да ги ограничи приватните во наплатата на трошоците за лекување, за на тој начин да ги заштити граѓаните. Народот вели, додека на еден му се стемнува, на друг му самнува. Дека парите играат една од главните улоги кој ќе се спаси а кој не, потврдуваат јавните барања за место по приватните  болници, со нудење на илјадници евра. Во јавното здравство лекувањето е бесплатно, меѓутоа под притисок на третиот бран на Ковид 19, за да се обезбеди кревет се ставаат во функција сите можно познанства и врски. Поради тоа меѓу граѓаните се зборува за нелогични случаи, заболен од Ковид 19 од југот на државата, да е хоспитализиран на пример, во источниот дел.

За неделава Министерот за здравство Венко Филипче најави дека ќе преговара со сопствениците на приватните болници, доколку е возможно да се намалат цените на Ковид 19 услугите. Меѓутоа, тешко е да се верува дека нешто позначајно ќе се промени, бидејќи приватниот сектор работи според пазарни принципи.

Сподели: