СПА центарот и(ли) Бањата, заглавени во ДУП-от

ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НИКОЛЧО ИЛИЈЕВ ВО ИЗЈАВА ЗА ТВ КОЧАНИ ПОСОЧИ ДЕКА КОЧАНЧАНИ НЕМААТ СПА ЦЕНТАР И БАЊА ЗАТОА ШТО НЕ Е ИЗРАБОТЕН ДУП ЗА ГРАДСКА ЧЕТВРТ 14. КАКО ШТО СЕГА СТОЈАТ РАБОТИТЕ СЕ ЧИНИ НИКОЈ НЕ ЗНАЕ КОГА КОЧАНЧАНИ И НАСЕЛЕНИЕТО ОД РЕГИОНОТ ЌЕ МОЖАТ ДА ГИ КОРИСТАТ БЛАГОДЕТИТЕ НА ЛЕКОВИТАТА ТЕРМАЛНА ВОДА.

По објавувањето на прилогот за апсурдната ситуација дека при изобилство на геотермална и воедно лековита вода, кочанчани немаат бања за да ги користат нејзините благодети, и јавно поставените прашања, каде „заглави“ Спа центарот вреден 1.300.000 евра, кој треба(ше) да се гради во рамките на СРЦ „Аква“, а на кои реагираа и голем број граѓани на социјалните мрежи, во текот на вчерашниот ден, градоначалникот Николчо Илијев меѓу другото изјави:

-Прво треба да се изработи деталниот урбанистички план за ГЧ 14, кој е пречка за реализација на проектот. Откако тоа ќе се направи, а е во тек, ќе може да продолжи другата постапка, во рамките на која ние планираме и изградба на соодветни базени за бањолошки цели.

И покрај се, за граѓаните останува нејасно, зошто за речиси четири години не е изработен или не е прилагоден деталниот урбанистички план со генералниот, дали и какви објективни проблеми евентуално има во таа сфера и кои се роковите во кои може да се реши проблемот, за активностите да започнат или продолжат да течат според нормална динамика. На едноставен начин прашано, до кога ќе заврши постапката за изработка на деталниот урбанистички план, кога би се создале услови да профункционира приватното јавно партнерство и да започне изградбата на спа-центарот, и тоа што најмногу ги интересира граѓаните, кога ќе добијат каков и да е објект кој ќе им овозможи користење на термалната вода преку бањолошки услуги.

Сето тоа добива на тежина со изјавите на актуелниот градоначалник, кој пред две години соопшти дека имало сериозно заинтересиран инвеститор со кој се разговарало за локацијата, проблемот со комарците, како и за други битни сегменти поврзани со функционирањето на еден модерен спа центар.

На крајот на денот, останува реалноста дека кочанчани и во овој мандатен период ќе останат без бањолошки или спа центар, односно без лековитите благодети на термалната вода, како што во изминатите три децении генерации и генерации од регионот не знаат што е бања. За стопанско-туристичките и економските ефекти што во меѓувреме се пропуштени, излишно е да се коментира.

Сподели: