Ромите од Кочани – незадоволни од спречувањето на изградбата на објекти за семејствата од Старата касарна

По вчерашниот протест на жители од населбата Трајаново Трло против изградбата на станбените објекти за домување на семејства во социјален ризик, денеска по иницијатива на ромски здруженија, градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев одржа средба на која ги слушна нивните ставови и видувања за ова прашање.

– Се соочивме со огромно незадоволство и револт кај претставниците на ромски невладини организации и на Партијата за демократски просперитет на Ромите. Тие беа подготвени за мирен протест бидејќи се огорчени од пораките што се испратени од вчерашниот протест, со кој група граѓани се противат на градбата на живеалишта за семејствата во социјален ризик. Сепак, со конструктивен разговор во кој заеднички се согласивме дека нема потреба од зголемување на тензиите, тие го откажаа најавениот протест, бидејќи за секој проблем постои мирно решение – соопшти градоначалникот Илијев.

Противењето да се градат планираните објекти за социјалните семејства коишто живеат во супстандардни услови во Старата касарана во Кочани, доаѓа откако е завршена целата урбанистичка постапка, обезбедени се финансиски средства и е избран изведувач на работите.

– Граѓаните вчера излегоа на протест на кој испратија лоша порака за меѓуетничките односи. Натписот на транспарентот „Само преку нас мртви“ е опасен и претставува типичен говор на омраза, со што се предизвикува нетрпеливост. Сметаме дека се работи за организирана група која е политички манипулирана, односно организацијата доаѓа од центар на кој не му одговара решавањето на станбеното прашање на лицата кои живеат во Старата касарна. Се работи за повеќедецениски проблем и вложени се големи напори тој да се надмине – изјави Аксел Ахмедовски, претседател на Партијата за демократски просперитет на Ромите.

По разговорите на градоначалникот Илијев со иницијаторите на вчерашниот протест и  по денешната средба со ромските невладини организации, решение на проблемот ќе се бара во рамките на институциите. 

Сподели: