Жителите на Драчевик против трета ламела во населбата !???

Актуелности.мк дознава дека деновиве жители од населбата Драчевик, особено тие што гравитираат околу популарната Социјална зграда, потпишувале петиција за да организираат протест против изградбата на трета ламела за колективно домување наменета за лица и семејства од социјален ризик, зад која веќе стојат над 160 потписници. Причината е што во тие и такви објекти се вселуваат и лица кои се познати како проблематични и им го нарушуваат јавниот ред и мир на граѓаните. Впрочем, искуствата на Драчевичани со поедини станари од веќе изградените и вселени ламели, уништувањето на опремата на детското игралиште до самите згради, зголемениот број на кражби и слично, и нивните реакции на социјалните мрежи и кај органите на власта, се нивните аргументи за противењето на изградбата на еден таков станбен објект кој се реализира со државни пари.

До понеделник, 10 мај, за кога е закажан протестот, жителите очекуваат одговор на надлежните на нивните барања: Враќање на редот и поредокот во населбата, поквалитетно водоснабдување, особено преку лето, стоп за уништувањето на зелениот појас над населбата, подобрување на јавната чистота, спречување на дивеењето на нерегистрирани возила, спречување на кражбите.

Дека во Кочани во тој сегмент се случуваат работи кои ги загрижуваат граѓаните, бидејќи знаат да излезат од контрола, зборуваат и тензичните состојби во и околу Трајаново Трло, кои се случуваа во изминатите месец-два и кои завршија со интервенција на полицијата и со обвинителски и судски епилог. Сето тоа е сигнал дека надлежните треба одговорно и внимателно да работат на надминување на негативните појави и состојби, особено поради фактот дека општината, како и државата е во изборна година, кога политичарите не се воздржуваат од користење на секакви средства, според девизата „целта ги оправдува средствата“. Инаку, дознаваме дека истовремено се водат разговори помеѓу засегнатите страни,работите и активностите да се одвиваат низ дијалог, со цел да се изнајдат најдобрите решенија.        

Сподели: