Дуќаните на „Се издава“

АКО КОЧАНИ НЕКОГАШ ВАЖЕШЕ ЗА ТРГОВСКИ ГРАД ВО КОЈ МУШТЕРИИ ДОАЃАА ОД ПОИСТОЧНИТЕ ОПШТИНИ, НО И ОД ПРОБИШТИП, СВЕТИ НИКОЛЕ И ДРУГИ НАСЕЛЕНИ МЕСТА, СЕГА СЕ ЗАТВОРААТ СЕ ПОВЕЌЕ ДУЌАНИ. ПРОМЕТОТ Е ТОЛКУ ПАДНАТ ШТО ПРАЗНИ ОСТАНАА ДУЌАНИ НА НАЈАТРАКТИВНИТЕ ЛОКАЦИИ ВО ЦЕНТАРОТ НА ГРАДОТ, НА КОИ ПОДОЛГО ВРЕМЕ СТОИ „СЕ ИЗДАВА“.

Се поголем е бројот на дуќани во централното градско подрачје на чии излози стои „се издава“. Празни трговски објекти стојат и на главните улици, за кои некогаш беше невозможно да се изнајмат. Какви што се примерите со улицата од автобуската станица кон градскиот парк, или и во продолжение по таканаречената бутикџиска.

Дуќани зјаат празни и се издаваат и по улиците покрај кејот на Кочанска река и во Трговскиот центар, кои се меѓу најтрактивните локации. Покрај тоа, тешко им оди и на сопствениците на дуќани во новоизградените станбени објекти.

Причини за затворањето на се повеќе трговски објекти и фирми има повеќе, меѓутоа една од основните е намалената куповна моќ на граѓаните и неповолната бизнис клима во градот, како и во населените места кои гравитираат кон Кочани. Ако бутикџиите своевремено се фалеа дека значаен дел од прометот им прават купувачите од Делчево, Берово, и другите градчиња на истокот, сега се жалат дека тие практично го одминуваат Кочани и пазаруваат во Штип. Единствено нешто позначаен промет се остварува околу матурските прослави, на почетокот на учебната година и за време на новогодишните и божиќните празници, ама откако се појави пандемијата со Ковид 19, и тие прометни шпицеви драстично се намалија и ни оддалеку не се доволни за да обезбедат опстанок и егзистенција на малите трговски бизниси.

Сподели: