Партиите на мака, се бираат кандидати за градоначалници и советници

НА ЧЕТИРИ МЕСЕЦИ ПРЕД ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ ЗА ПОЕДИНИ КАНДИДАТИ РЕЧИСИ СО СИГУРНОСТ СЕ ЗНАЕ ДЕКА ЌЕ ЈА ДОБИЈАТ ДОВЕРБАТА НА ПАРТИИТЕ, ОСОБЕНО ОД ВЛАДЕЈАЧКИОТ БЛОК, ДОДЕКА ВО ОПОЗИЦИСКИОТ ИНТЕРЕСОТ ЗА ПРЕСТИЖНАТА ГРАДОНАЧАЛНИЧКА ФУНКЦИЈА Е ПОБРОЕН. ВО ПОМАЛИТЕ ОПШТИНИ СЕ СЕ СВЕДУВА НА ПО ЕДЕН-ДВАЈЦА КАНДИДАТИ, А ВО ПОГОЛЕМИТЕ ВО ИГРА СЕ ПО ТРИ ДО 9 ИМИЊА, ОД КОИ ПАРТИСКИТЕ ТЕЛА ЌЕ ИЗБИРААТ. ЗГОЛЕМЕН ИНТЕРЕС И ЗА СОВЕТНИЧКИТЕ МАНДАТИ, КОИ НОСАТ СООДВЕТНИ ПРИВИЛЕГИИ.

Иако до октомвриските локални избори за советници и градоначалници, преостануваат нешто повеќе од четири месеци, во поголемите општини сеуште во игра се поголем број кандидати. Партиите очигледно со големо внимание и темелно истражување на рејтингот на кандидатите кои се во игра, ќе настојуваат на гласачите да им го понудат вистинското, односно победничкото решение. Меѓутоа, таквиот внатрепартиски процес воопшто не е едноставна работа, бидејќи во прашање се групни и поединечни интереси, кои по секоја цена сакаат да ја добијат довербата.

Во Кочани како да владее привидно затишје и во двата партиски блока околу утврдувањето кандидати за градоначалник и за советници. Во јавноста главно провејува прашањето „ќе се кандидира ли повторно Николчо Илијев за уште еден мандат …“. Таквата неизвесност како да ги држи во заложништво сите други потенцијални кандидати, кои засега резервирано се држат околу пројавувањето амбиции. Во сенка на кандидатите за градоначалник се кандидатите за советници, каде исто така е присутен поголем притисок од вообичаено.

Во ВМРО-ДПМНЕ, неофицијално кругот е сведен на тројца потенцијални кандидати, и тоа Љупчо Папазов, Миле Левков и Иван Иванов, иако партијата низ анкети го испитува пулсот на електоратот и со други имиња. Советничката листа пак ќе се крои според избирачки места, партиски заслуги и рејтинг на кандидатите кај гласачите.

Многу поизвесно околу кандидатурите е во помалите општини. Во Чешиново-Облешево СДСМ уште еднаш ќе му ја довери кандидатурата на Горанчо Крстев. Од опозицискиот блок амбиции да исфрлат кандидат имаат ВМРО-ДПМНЕ, но и коалициониот партнер Социјалистичката партија, која во оваа општина е мошне активна.

Во најмалата општина Зрновци, актуелниот градоначалник Блаже Станков, по три мандата, најавува повлекување, а изборната трка за нов градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ најверојатно ќе ја трча Борче Коцев.

Во СДСМ сеуште во игра се две три имиња, а изборот ќе зависи од резултатите од анкетирањето на гласачите.

Голем интерес од членството на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалничката кандидатура има во Општина Виница, каде во игра се 8-9 поранешни кадри на партијата, кои извршувале раководни функции. Во владејачката коалиција фаворит за уште еден мандат е актуелниот градоначалник Ивица Димитров, иако во партиски кругови се спомнуваат и некоилку други имиња.

Сподели: