Крсте Крстев ќе ја враќа ФК „Плачковица“ во втората лига

ОТКАКО НА ПОЛУСЕЗОНАТА ЈА ПРЕЗЕДЕ РЕЧИСИ ИСПАДНАТАТА ОД ЛИГАТА ПЛАЧКОВИЦА, ТРЕНЕРОТ КРСТЕ КРСТЕВ СИ ПОСТАВИ ЗА ЦЕЛ ЕКСПРЕСНО ДА ЈА ВРАТИ ВО ВТОРОЛИГАШКОТО ДРУШТВО. ДЕНОВИВЕ СЕ РАБОТИ НА АНГАЖИРАЊЕ НОВИ ЗАСИЛУВАЊА, А ПОДГОТОВКИТЕ ПОЧНУВААТ ЗА ЕДЕН МЕСЕЦ

Најдобриот тренер од Кочани во последните една-две децении, Крсте Крстев и во новото првенство ќе остане на чело на ФК Плачковица од Радовиш. Неговиот договор со клубот е на 27 месеци, а бидејќи уште при потпишувањето на истиот се знаеше дека Плачковица ќе испадне од Втората лига Исток и во новата фудбалска сезона ќе игра во третолигашка конкуренција, поставената цел е експресно враќање во второто по квалитет натпреварување во државата.

Во телефонски разговор Крстев истакна дека летово се работи на комплетирање на ростерот фудбалери со кои Плачковица ќе атакува на првото место. Позитивно е што клубот успеал да ги задржи поголемиот број фудбалери кои и до сега игаа, а тоа е добра база за формирање конкурентна екипа. Подготовките ќе започнат на почетокот на август, а новото првенство во септември.

Сподели: