ФК „Осогово“ ги започна подготовките

Со мало задоцнување во споредба со другите второлигашки екипи, Осогово денеска ја изврши првата прозивка на ангажираните фудбалери за новото првенство и го одржа првиот тренинг. Стручниот штаб предводен од Александар Андонов истакна дека засега може да смета на 18 фудбалери, кои му пристапија на клубот, меѓутоа се разговара и преговара со повеќе потенцијални засилувања.

-Разговаравме со сите фудбалери кои потекнуваат од школата на Осогово, или играле за нашиот клуб и ќе настојуваме да ангажираме што е можно повеќе поквалитетни играчи. Иако предвидувањата се дека претстојното првенство ќе биде полесно од аспек на обезбедување опстанок, сепак тоа е привидно, бидејќи освен Беласица, сите други второлигаши ќе бидат со приближно изедначен квалитет, плус ќе се врати публиката на стадионите, а во такви услови е поодговорно и потешко да се игра. Но, ние веруваме во нашите можности и ќе се потрудиме да оствариме што повеќе победи за да ги израдуваме навивачите, истакнува Андонов.

Инаку, во ФК Осогово е извршена промена на раководството, меѓутоа далеку од очите на јавноста, па љубителите на фудбалот во Кочани останаа изненадени кога и како сето тоа се случило. Новото раководство не коментира како се работело претходно, само се пожали дека наследиле минусна сметка на клубот.

За најболното прашање, финансиите, Андонов со резервиран став дека не се очекуваат чуда, но и дека ќе се преговара со локални бизнисмени, ем да влезат активно во управата на клубот, ем финансиски да го помагаат, за да продолжи традицијата на квалитетен фудбал во Кочани и поширокиот регион.

Сподели: