Од неаплицирање, до адут. Кандидат е, или не?

Процесот за избор на кандидат за градоначалник во СДСМ добива по малку мистериозна димензија, која граѓаните ги става во ситуација на неизвесност и исчекување, што пак генерира бројни шпекулации. Компликативно вијание имаат и дијаметрално спротивните информации на два локални медиуми, од кои во еден беше објавено дека актуелниот градоначалник изјавил дека воопшто не аплицирал со кандидатура, па затоа го немало во првиот партиски пакет на кандидати. Другиот медиум од партиски извори дознал дека адут на СДСМ повторно ќе биде актуелниот градоначалник Николчо Илијев, кој водел на анкетите.

Ваквата ситуација ги остава членовите на партијата и граѓаните во недоумица, дали аплицирањето постои за да им даде подеднаква шанса на сите кандидати, или пак ќе се примени некаков специјален третман. Во тој контекст, каква е улогата на неколкуте истакнати членови на партијата, кои добиле понуда да аплицираат до 5.јули, но останале резервирани додека да се расчисти нејасната ситуација?

Иако секој има право на стратегија, калкулации и комбинаторики, како ќе настапи во трката за кандидирање во партијата, и на изборите пред граѓаните, сепак одважноста на поедини актуелни градоначалници на владејачката партија, како Димитриевски во Куманово, Шилегов во Скопје, и многу други низ државата, кои јасно ја најавија сопствената амбиција за уште еден мандат, во праксата делува почесно, поедноставно и попрактично. Впрочем, се работи за најпрестижната функција на локално ниво, па претераната глума не секогаше е продуктивна, а и народот не е толку наивен, колку што знае да се прави.

Сподели: