До полноќ ќе се води битка за спас на селото Тркање

Ноќва битката се бие за спасување на селото Тркање, бидејќи пожарот е стигнат на стотина-двесте метри од првите куќи. Во и околу Тркање врие од војска, пожарникари, граѓани кои се дојдени да го спречат ширењето на огнената стихија кон селото. На лице место се премиерот Зоран Заев, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски, пратеници од Кочани, градоначалникот и бизнисмени чии објекти се загрозени. Направен е своевиден жив ѕид од луѓе и механизација, по ридот од каде доаѓа пожарот, што асоцира на фронт помеѓу две сили, едната огнените јазици, другата народот.

Попладнево можеа да се слушнат панични повици за помош од локалните фактори, и оглушување на надлежните во државата. Некои сметаат дека засилувањата во луѓе и цистерни сигнаа со задоцнување, поради што настрадаа куќи и друг имот. На социјалните мрежи „вртеа“ и дезинформации за запалена куќа на градоначалникот.

Вечерва, покрај патот од Кочани кон Тркање застануваа возила, а граѓаните со телефони ја снимаа стравичната глетка од пожарот кој ги осветлуваше ридовите на огнената линија долга над еден километар.

Жители на селото Тркање велат дека не паметат таков пожар и дека ги очекува долга и неизвесна ноќ. Но веруваат дека многубројните гасители ќе успеат да го одбранат селото од огнот.

Сподели: