Статистиката едно, реалноста друго

НАМЕСТО ДА СИ ПРАВИ ВЕСЕЛА МАТЕМАТИКА СО ТРОШОЦИТЕ ЗА ЖИВОТ, СИНДИКАТОТ МОЖЕ ДА ПРОШЕТА МЕЃУ РАБОТНИЧКИТЕ СЕМЕЈСТВА И ДА ВИДИ КОЛКУ ТРОШАТ И ЗА ШТО, ОД ПЛАТИТЕ КОИ СЕ ДАЛЕКУ ПОД ПРОСЕЧНАТА. НЕ Е СЛУЧАЈНО ШТО ДОМАШНИ И СТРАНСКИ АНАЛИТИЧАРИ НАЈАВУВААТ НАГЛО ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА СИРОМАШТИЈАТА.

Над 100 евра е разликата помеѓу месечните трошоци на едно четиричлено семејство за основните потреби и просечната плата во државата. Во Сојузот на синдикатите на Македонија пресметале дека во јули на едно такво семејство му биле потребни 34.128 денари за да ги покрие основните месечни потреби. Од друга страна Државниот завод за статистика неодамна објави дека во мај просечната плата била 28.721 денари. Проблемот што и двете бројки се далеку од реалноста, бидејќи во стварноста ситуацијата е далеку посложена и потешка. Прво, затоа што во кошничката нема многу издатоци на кои се изложени граѓаните, а кои се реални и постојани. И второ затоа што просечната плата е набилдана од одредени дејности, а во суштина најголем дел од населението и вработените ниту ја добиваат, ниту се близу неа.

Инаку, од пресметаните 34.128 денари, најмногу одат за храна и пијалоци над 14.4оо денари, додека за режиските трошоци неопходни биле минимум 10.800 денари. За превоз биле предвидени 2.500 денари, за хигиена 2.380 денари а во се останато влегуваат трошоците за обувки, облека, одржување на здравјето и за културни активности. Собирај, вади, нешто не штима.

Сподели: