Маркова Река опомена за Мала Река

ОТКАКО ГРАДЕЖНИЦИТЕ ЈА ЗАТРУПАА МАРКОВА РЕКА, ЗАГРИЖЕНОСТА КАЈ ЛОКАЛНИТЕ АКТИВИСТИ ЗА СУДБИНАТА НА МАЛА РЕКА СЕ ЗГОЛЕМИ. ОВОЈ МЕСЕЦ СОВЕТОТ ТРЕБА ДА ДОНЕСЕ ОДЛУКА ЗА РАСПИШУВАЊЕ РЕФЕРЕНДУМ, НА КОЈ ГРАЃАНИТЕ ЌЕ СЕ ИЗЈАСНАТ „ЗА“ ИЛИ „ПРОТИВ“ ГРАДЕЊЕТО НА МИНИЕНЕРГЕНСКИОТ КАПАЦИТЕТ

Препукувањата помеѓу концесионерот и еколошките друштва околу Маркова Река, каде како последица на градежни активности, природниот амбиент бил драстично нарушен, по автоматизам ги алармира локалните активисти за уште поголема упорност во спротивставувањето за реализација на минихидроцентралата на Мала Река. Ако Маркова Река била комплетно затрупана со камења, карпи и земја како последица од градежните активности за трите мали хидроелектрани, логично е да се претпостави дека истата судбина ќе ја снајде и Мала Река.

Меѓутоа судбината на минихидроцентралата ќе им биде препуштена на граѓаните, бидејќи Советот на Општина Кочани пред две седници одлучи на последната седница во овој состав на советници да се изгласа Одлука за распишување Референдум за изјаснување на граѓаните, кој би се спровел заедно со Локалните избори. За очекување е дека граѓаните ќе и кажат НЕ на изградбата на енергетските капацитети, што би значело запирање на изградбата. Меѓутоа, поради претходно целосно завршена постапка околу дозволата за изградба на објектот, реално е да се очекуваат и соодветни импликации кон државата, а во помала мера и кон општината. Во секој случај, неопходно е да не се прејудицираат работите, туку да се сочека и да се види каков епилог ќе добие овој специфичен но истовремено и комплициран проблем.

Сподели: