Речиси се знае кој против кого …

СЕ ПОГОЛЕМ БРОЈ КАНДИДАТИ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИЦИ И ОСОБЕНО ЗА СОВЕТНИЦИ ЌЕ ТРЧААТ ВО ИЗБОРНАТА ТРКА ВО ЧЕТИРИТЕ ОПШТИНИ ВО МИКРОРЕГИОНОТ, КОЈА ФИНИШИРА СО ГЛАСАЊЕТО НА 17. ОКТОМВРИ. РОКОТ ЗА СОБИРАЊЕ ПОТПИСИ И ПОДНЕСУВАЊЕ НА КАНДИДАТУРИ ИСТЕКУВА НА 30 АВГУСТ, А ДОТОГАШ СЕ МОЖНИ УШТЕ ИЗНЕНАДУВАЊА.

Кој против кого и какви дуели за градоначалничката фотеља ќе видат граѓаните од општините Кочани, Виница, Зрновци и Чешиново-Облешево на 17 октомври? Со тактизирањата на партиските врхушки и објавувањата на пакетите веќе се формираат фаворитските двојки, а некаде и тројки.

Во Кочани, ВМРО-ДПМНЕ прва излезе со кандидатот Љупчо Папазов, еден од првите стопанственици во пазарната економија во општината. Доколку ги собере потребните потписи ќе се потврди кандидатурата и на независниот Mартин Кировски. Неочекувано, најголемата неизвесност доаѓа од владејачката СДСМ, која долго калкулира со потенцијалниот кандидат Николчо Илијев, или некој друг партиски кадар. Како сега стојат работите, на 17 октомври, најверојатно на мегдан пред граѓаните ќе излезат тројцата кандидати. Трката во тројка лесно може да доведе до втор круг на гласање.

Во Виница познати се кандидатот на СДСМ, Ивица Димитров, и на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Петков, и засега нема најава дека во трката за престижната функција може да се вклучи некој трет.

Во Зрновци СДСМ се одлучи за  Виктор Ангелов, а владејачката во таа општина ВМРО-ДПМНЕ сеуште се мисли, иако комбинациите се вртат околу Борче Коцев.

И во Чешиново-Облешево работите се речиси јасни, откако СДСМ се определи за актуелниот градоначалник Горанчо Крстев, а ВМРО-ДПМНЕ за Далибор Ангелов. Во оваа општина за истакнување кандидат за градоначалник се размислуваат и ДОМ и ЛДП, кои треба да понудат проверен кадар, што ја има довербата на граѓаните.

Значително погусто ќе биде во трката за советници, бидејќи со свои листи ќе настапат и неколку помали партии, како и независни листи со кандидати. Во општина Кочани најавени се советнички листи од Левица, коалицијата ДОМ, ЛДП и Интегра. А лак независните, покрај на Аки Акиов, засега сигурна е советничката листа на Венко Крстевски.  

Во Виница покрај двете најголеми партии, во битката за советници ќе се вклучи и независната листа на Сејдо Селиов. Во Зрновци во игра за советнички мандати е независниот Владо Ристов. Во Чешиново-Облешево место меѓу деветте советници ќе бара листата на ДОМ и ЛДП, како и независната листа на Франческо Наков.

Сепак сето тоа не е конечно, бидејќи до 30 август преостануваат уште три дена во кои се може да се случи.

Сподели: