Тројца кандидати во Ч-О, а само една фотеља

ЗА РАЗЛИКА ОД КОЧАНИ, ВИНИЦА И ЗРНОВЦИ, КАДЕ ТРКАТА ЗА ГРАДОНАЧАЛНИЧКИТЕ ФОТЕЉИ ЌЕ СЕ ВОДИ ПОМЕЃУ ДВА КАНДИДАТА, ВО ОПШТИНА ЧЕШИНОВО-ОБЛЕШЕВО ЗА ПРЕСТИЖНАТА ФУНКЦИЈА ПРЕТЕНДИРААТ ТРОЈЦА. СПОРЕД ИСКУСТВАТА ОД ПРЕТХОДНИ ИЗБОРНИ ЦИКЛУСИ, МНОГУ ВЕРОЈАТНО Е ДЕКА ЌЕ ИМА ВТОР КРУГ ГЛАСАЊЕ, А ПРАШАЊЕТО Е КОЈ ЌЕ ОСТАНЕ ВО НЕГО

Изборната трка за градоначалничката фотеља во општина Чешиново-Облешево, каде во игра се тројца кандидати, се очекува да биде најинтересна и најнеизвесна. Гласачите од оваа општина на 17 октомври ќе избираат помеѓу актуелниот градоначалник Горанчо Крстев од СДСМ, Далибор Ангелов од ВМРО-ДПМНЕ и Дарко Стефанов од ЛДП и ДОМ.

Со оглед на претходните изборни циклуси во кои главно се водела изедначена трка помеѓу кандидатите, а повеќето избори бивале решавани во вториот круг, за очекување е дека истото ќе се случи и на овие локални избори.

Ситуацијата понепредвидлива ја прават одредени случувања во предкандидатурскиот период, а кои се однесуваат на анкетните резултати на поедини кандидати, на лобирањата кој и од која партија да излезе пред гласачите. Имено, кандидатот на ЛДП и ДОМ, Дарко Стефанов бил во опција на владејачката партија и предничел со рејтингот, меѓутоа од непознати причини бил ставен во втор план. Некои неговата кандидатура од ЛДП и ДОМ ја сфаќаат и како мала политичка освета.

Со оглед на фактот дека во Општина Чешиново-Облешево во неколку наврати трката за градоначалник ја добивале помалите партии, како ЛДП и ДОМ, и пред овие избори првите луѓе на СПМ водеа борба да истакнат свој кандидат, меѓутоа поголемиот коалиционен брат одлучи сепак кандидатот да произлезе од нивните редови, базирајќи ја одлуката на анкетни резултати.

Сподели: