Големите сеуште не ги објавиле советничките листи

Дали во прашање се некакви тактизирања до последен момент, или пак технички проблеми со кандидатите, главно двете водечки партии и коалиции, кои ги доставиле советничките листи до Општинската изборна комисија во предвидениот рок, сеуште официјално не ги објавуваат имињата на оние кои ги добиле добитните позиции. Нема објави ниту на социјалните мрежи, иако роковите незапирливо течат.

Според изборниот роковник ОИК, откако ќе ги разгледа и прифати кандидатурите, должна е најдоцна до 18 септември да ги достави до ДИК. А ДИК има рок до 23 септември да го изврши жребувањето на редните броеви кои ќе ги добијат учесниците во изборите.

Од тоа што може да се извлече од партиски извори, засега познато е дека носители на листите во коалицискиот блок на СДСМ е д-р Томе Солевски, а во ВМРО-ДПМНЕ актерката Кристина Атанасова Арсова. За СДСМ се знае дека на добитно место ќе биде и Аки Акиов, кој со собраните потписи во еден ден за независна листа, ја стави во мат позиција владејачката партија, која му ја отстапи петата позиција.

Кај ВМРО-ДПМНЕ, по Атанасова Арсова следуваат Мирче Стојков, Лазо Митев, Перо Георгиевски, Сања Атанасова, Марјанчо Стоименов, Васе Алексов, Лидија Серафимова, Љубинка Спанчевска, Гоце Марков, Ванчо Јованов, Нушрет Ибраимова, и така натаму.

Ќе биде интересно да се види каква „специфична тежина“ имаат двете фаворизирани листи, особено поради конкуренцијата што им ја наметнуваат Левица, ДОМ и ЛДП, како и едната независна.

Сподели: