Се гради опточниот тунел за браната Речани

Градежната оператива го реализира хидројазолот на браната Речани, а во завршна фаза е пробивањето на тунелот со низводен зафат.

При увидот во работите од страна на градоначалникот Николчо Илијев, одговорните служби информираа дека тоа ќе биде опточен тунел од каде ќе се регулира испуштањето на водата.

– Тунелот е со отвор од 5 м, должината е околу 440 м во карпа, тоа се најстари карпи што постојат, метаморфните мекашисти, наместа тврди, но наместа меки. Ова е хидротехнички тунел кој ќе служи за испуштање вода која во даден момент ќе му биде потребна на Кочани за пиење или за наводнување. Тунелот ќе има електронски затворачи на двете страни и механички затворач. Штом ќе се заврши пробивањето, кое е на самиот крај, тунелот ќе биде анкерисан, ќе се постави мрежа и потоа ќе се бетонира. Опточниот тунел и бочниот преливник се два клучни елемента од браната. Сега се гради и кулата, односно нејзиното плато, над самиот влезен тунел. Со изградбата на тунелот, водата од реката ќе се сврти да тече низ него, па дури потоа може да се работи на насипот – соопштија одговорните на градбата.

Речани е камено-насипна брана со височина од 80 м, широка 10 м и во основата е долга близу 280 м. Лоцирана е на составот на Бела Река и Црна Река, односно на зачетокот на Оризарска Река, кај месното население позната како Масалница. Дел од придружните објекти на браната – опточниот тунел, зафатната градба и темелниот испуст се лоцирани на  десниот брег, додека преливниот орган е на левиот брег.

Браната Речани, како дел од хидросистемот „Оризарска Река“, е еден од најзначајните објекти што од 2019 година се гради во Кочанско. Таа ќе овозможи водоснабдување на населението и индустријата од четири општини кои гравитираат во овој регион: Кочани, Виница, Чешиново-Облешево и Зрновци; стабилно наводнување на земјоделски површини во Кочанско Поле и производство на електрична енергија. Вкупната сума за изградбата на браната е проектирана на 1 милијарда и 800 милиони денари, средства што ги обезбедува Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство од  Програмата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој.

Сподели: