Денови на кочанскиот ориз

Општина Кочани и годинава ја организираше манифестацијата зажнејување со срп и вршидба на гумно на оризот, на површина и во кругот на Институтот за ориз. Здружението на пензионери на Кочани ја долови традицијата со народни носии, инстументи, песни и ора, кои патем манифестираа како некогаш се жнеело, како се врзувале снопје, како се вршело со коњ, како се веело. Сето тоа со неизбежната баница, кисело меко, ракија и здравица.

Манифестацијата ја посети претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, министерката за образование, Мила Царовска, заменик-министерот за земјоделство, Трајан Димковски, директорот на Агенцијата за поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски, делегации од збратимените градови Казанлк од Бугарија и Сигетсентмиклош од Унгарија.

Годинава наградата за најдобар земјоделец ја доби Тоше Јорданов од Кочани, кој произвел над 20 тони арпа, а од општина Кочани доби 60 илјади денари.

Воедно, на затворањето на манифестацијата, на платото во Градскиот трговски центар во Кочани свој настап имаа домашни и странски фолклорни групи, а беа прикажани и анимирани филмови и едукативни еколошки видеоматеријали поврзани со осоговскиот заштитен предел. Во рамки на манифестацијата се одржа и работилница за анимација со учениците од основни училишта во Кочани, од страна на претставници од Фестивалот „Анимакс“ од Скопје.

Сподели: