Брзите кредити-брзо заглавување, или … ,

ЛЕСНИ ПАРИ – ТЕШКИ ПОСЛЕДИЦИ. АКО ВО ИЗМИНАТИОТ ПЕРИОД ИЗВРШИТЕЛИТЕ ГО „ДЕРЕА“ НАРОДОТ, СЕГА ВО ИГРА СЕ БРЗИТЕ КРЕДИТИ, КОИ ПЕРФИДНО НАМАМУВААТ ГОЛЕМ БРОЈ ГРАЃАНИ И ГИ ФАЌААТ ВО МРЕЖАТА НА ДОЛЖНИЦИ, ПРИ ШТО ПОЕДИНЦИ ЦЕЛ ЖИВОТ ДА РАБОТАТ, НЕ МОЖАТ ДА СЕ РАЗДОЛЖАТ. НАЈОПАСНА Е КОМБИНАЦИЈАТА БРЗИ ПАРИ И КОМАР, КАДЕ ПРЕКУ НОЌ НА ЛУЃЕ ИМ СЕ РЕШАВААТ ЖИВОТНИ СУДБИНИ. БИДЕЈЌИ БРЗ КРЕДИТ МОЖЕ ДА СЕ ПОДИГНЕ И ПО ТЕЛЕФОН, ГРАЃАНИТЕ ПОИМА НЕМААТ КОИ СЕ УСЛОВИТЕ И ШТО СТОИ ВО ДОГОВОРИТЕ.

Дали брзите кредити стануваат потенцијална опасност да им го загорчат животот на огромен број граѓани, кои недоволно информирани и наивни се доведуваат во ситуација лесно да заглават во тешки задолжувања? Реакциите во јавноста ширум државата за измамени граѓани кои си ги дале своите податоци, па биле злоупотребени, или за се поголемиот број на сериозно задолжени кон таканаречените „продавници за пари“, одат кон потврден одговор на таквото прашање. Рекламите во стилот „пари за неколку минути“, „имаш и кога немаш“, „доволен е еден телефонски повик за да дојдеш до кеш“, во кои главна улога играат познати и популарни личности, лесно ги намамуваат наивните да се задолаж по неколку пати кај брзите кредитори, за кога ќе се освестат, да биде веќе касно.

Подигнувањето брзи кредити е најопасно во комбинација со коцкањето, бидејќи се создаваат долгови кои реално не може да се исплатат за еден работен век.

Вториот значаен момент е што привлекувањето муштерии е најблаго речено нечесно и перфидно. Така, првиот кредит се нуди без камата. Потоа, доколку корисникот сака предвреме да го врати, каматата не му се одбива, туку се пресметува за целиот временски период. Штом еднаш заглави, клиентот постојано е на удар на нови и нови „олеснувачки“ понуди, кои всушност претставуваат дополнително заглавување и големи редовни, казнени и други камати.   

Дали државата ќе интервенира за да се стави некаков ред во оваа сфера, останува отворено прашање, меѓутоа факт е дека се поголем број граѓани се доведуваат во безизлезна ситуација, што сигурно не е нејзин интерес.

Сподели: