Цените се тркаат помеѓу себе

ВО УСЛОВИ КОГА ПЛАТИТЕ И ПЕНЗИИТЕ БЕЛЕЖАТ ПОРАСТ  СО ЕДНОЦИФРЕН ПРОЦЕНТ, А ЕНЕРГЕНСИТЕ И ПРЕХРАНБЕНИТЕ АРТИКЛИ СО ДВОЦИФРЕН, ТОГАШ ТЕШКО НА ТИЕ ШТО СЕ НА ДНОТО ПО МЕСЕЧНИТЕ ПРИМАЊА, БИДЕЈЌИ СЕКОЈДНЕВНО СЕ МАЧАТ КАКО ДА ПРЕЖИВЕАТ. ДОВОЛНО Е САМО ДА СЕ СПОРЕДАТ СМЕТКИТЕ ЗА СТРУЈА, ЦЕНИТЕ НА БЕНЗИНИТЕ, ЦЕНИТЕ НА ПРЕХРАНБЕНИТЕ АРТИКЛИ ЗА ДА СЕ ВИДИ ГОЛЕМАТА РАЗЛИКА КОЈА ПАЃА НА ГРБОТ НА ГРАЃАНИТЕ.

Како тргнало, ќе биде неопходно максимално стегање на каишот од страна на граѓаните во наредните месеци, бидејќи поскапувањата се случуваат од ден во ден. Најмногу поскапуваат бензините и плинот, пораст на чудесен начин, некако прикриено, бележи струјата, а кога тие растат, како локомотива, ќе повлечат цела композиција на поскапувања. Уште позагрижувачко е што цените растат насекаде во европа, а нивниот негативен ефект најизразено се чувствува во најсиромашните држави.

Ако се остварат, или надминат предвидувањата цените во трговската мрежа да растат и над 50 % од сегашните, тогаш голем број граѓани ќе се судрат со егзистенцијалниот проблем. Првенствено една четвртина од пензионерите кои земаат пензија под 200 евра, но и голем број вработени со ниски примања, особено во конфекциската и чевларската индустрија.

Тоа што е специфично за кочанскиот регион е што во услови кога сите цени бележат пораст, главната култура и егзистенција на земјоделците, оризот, со години стои во место. Може да се случи годинава килограм ориз да чини колку килограм компири, што е своевиден ценовен парадокс, ако се имаат во предвид трошоците во производството. Денеска килограм компири веќе чини 40 денари, а поради слабите приноси поради сушата производителите најавуваат дека на почетокот на наредната година може да достифне и едно евро за кило.

Мелничарите и пекарите велат дека ќе биде добро ако лебот од јануари поскапи за само два денари, бидејќи како тргнало со енергенсите, може да се случи и вкупната цена од 30 денари за векна да не биде исплатлива. Тоа значи дека може да се очекува редиците пред продавниците за бајат леб, кој е на пола цена, дополнително да се зголемуваат.

Сподели: