Инвестиции на Запад, а на Исток …?

АКО ДРЖАВАТА КРОИ АМБИЦИОЗНИ ПЛАНОВИ ЗА ЈАБЛАНИЦА, БУШАВА ПЛАНИНА И КАРАЏИЦА, ЛОЦИРАНИ ВО ЗАПАДНИОТ ДЕЛ НА МАКЕДОНИЈА, РЕДНО Е ДА ГИ ЗЕМЕ ВО ПРЕДВИД И ПОТЕНЦИЈАЛИТЕ НА ОСОГОВСКИТЕ ПЛАНИНИ ЗА РЕАЛИЗАЦИЈА НА ТУРИСТИЧКИ ЦЕНТАР НА ЦАРЕВ ВРВ. ОСОБЕНО ПОРАДИ ЗАЛОЖБИТЕ ЗА РАМНОМЕРЕН РАЗВОЈ ВО СИТЕ СЕГМЕНТИ. СПОРЕД ПРОЦЕНКИТЕ ЗА ЦАРЕВ ВРВ СЕ ПОТРЕБНИ СТОТИНА МИЛИОНИ ЕВРА, А ЗА ОВИЕ ТРИ ОКОЛУ 800 МИЛИОНИ ЕВРА.

Најавите дека на Јабланица кај Струга и Вевчани, на Бушава планина кај Крушево и Македонски Брод, и на Караџица кај Сопипште и Студеничани се планирани да се градат три нови луксузни скијачки центри кои би чинеле помеѓу 700 и 800 милиони евра и неспомнувањето на Царев Врв, само по себе ги загрижи кочанчани, кои веруваа дека паралелно со овие три тежиштето на развојот на туризмот на истокот ќе се насочи  и кон Осоговските Планини.. Особено поради поставената цел, стимулирање на домашната економија и на меѓународниот и домашниот туризам.

Идеите за овие проекти во Западниот дел на државата се мошне гламурозни, бидејќи предвидуваат дека за потребите на новите скијачки центри ќе се изградат три нови туристички села со 16 луксузни хотели со 4 и 5 ѕвезди, ресторани и околу 130 планински куќи со капациет од над 5000 легла, жичарници, ски-лифтови, над 180 км алпски скијачки патеки, велосипедски и авантуристички патеки и резервоари за производство на снег. Од подножјето на планините до  врвот ќе се стигнува исклучиво со жичарница и тоа за 8 до 15 минути. Иницијаторите за што побрзо да се реализира оваа идеја најавуваат дека ќе ја презентираат на меѓународниот саем во Дубаи Експо 2021, уверени дека ќе има интерес од потенцијални инвеститори.

Каде во сите тие амбициозни планови е Царев Врв и Осоговските Планини, со сите погодности и потенцијали, засега нема информации, но државата сигурно треба да го вметне во понудата, особено што одредени предвидувања и проценки го прават поевтин а поатрактивен од предложените три.

Сподели: