Нова Година и дочеците …

ГЛАМУРОЗЕН ДОЧЕК НА „НОВА ГОДИНА“ ИЛИ ЛУДА НОВОГОДИШНА ЗАБАВА, ШТО БЕШЕ ТОА. ЗАГРИЖЕНИ ПОРАДИ КРИЗАТА ГРАЃАНИТЕ НИТУ ЈА СОЗДАВААТ НИТУ ЈА ЗАБЕЛЕЖУВААТ ПРЕДНОВОГОДИШНАТА АТМОСФЕРА, КОЈА СЕ СВЕДУВА НА КУПУВАЊЕ НЕКОЕ ПОДАРОЧЕ. ОД ЕДНА СТРАНА УГОСТИТЕЛИТЕ НУДАТ ПРИМАМЛИВА ЖУРКА, ОД ДРУГА ЗДРАВСТВЕНИТЕ СТРУЧЊАЦИ ПРЕПОРАЧУВААТ СЕДЕЊЕ ДОМА.

Прашува ли некој некого „Каде за Нова Година“ на една недела пред доаѓањето на 2022-та? Што се случи за само неколку години, па граѓаните заборавија на лудите забави, и неповторливата предновогодишна и новогодишна атмосфера. Наместо тоа, од сите страни предупредувања дека евентуален дочек е ризик за зараза од Ковид 19.

И бидејќи пандемијата е причината за драстичната промена на дочекот на Нова Година, вреди да се направи една ретроспектива како во минатото, или како до преклани изгледаше сето тоа. И да се постави прашањето, што се добив а што се губи со менувањето на навиките.

Иако има луѓе што ќе речат, а кој кажа дека Новата година треба да се пречекува со луди прослави и забави? Дали можеби лагодниот социјализам, кога, како што велат возрасните, течеше мед и млеко, ни наметна нерационални навики. Што носеа и што донесоа некогаш гламурозните пречеци со изобилство од пијалоци, храна, музика. Колку денеска може да се рече „Еднаш се живее!“

Еден општ осврт на незаборавните дочеци на 1980, на 1990, на 2000-та година сигурно ќе им ги врати сеќавањата на повозрасните. На пример, резервирање место во тогаш престижниот Мотел Градче уште на почетокот на декември, за прва и втора вечер, по цена од 2.000 до 3.000 денари. Претставничките на поубавиот пол со денови во потрага по соодветна модни парчиња да се дотераат од глава до пети. Мажите купуваа престижни костими, чевли и вратоврски. По едномесечни планирања, спремања и трошења, доаѓа најлудата вечер во годината. Во рестораните секогаш маса-две повеќе од вообичаено, што е причина помеѓу дотераните да нема игла каде да падне. Ора, песни, рокенрол, танцови, се до раните утрински часови.

Потоа, стана модерен дочекот во туристички метрополи во странство, па се уплатуваа тродневни аранжмани по хотели, од соседството па се до Рим, Париз, Дубаи. Секако за оние со подлабок џеб.

Ако нешто е утешително во сегашните пандемиски услови е враќањето кон семејството. Затоа, од таков аспект гледано, можеби дочекот на 2022 ќе биде посреќен од претходните. Секако, доколку за момент се заборави на песимистичките предвидувања за тоа што не очекува во секој поглед.

Сподели: