По што ќе се памети 2021 година?

Настан, и воедно изненадување, на годината во Општина Кочани, од новинарски аспект, сигурно се локалните избори и победата на Љупчо Папазов над Николчо Илијев, во трката за градоначалничката функција. Прво затоа што паднаа во вода прогнозите, анкетите и очекувањата дека Илијев ќе победи со 3000 гласа разлика.

Инаку, 2021 година граѓаните на Кочани од инфраструктурен аспект, можат да ја паметат по кружните текови, кои оставија и ќе остават траен белег на сообраќајните решенија на градот. Ќе ја паметат и по недовршената најмодерна детска градинка, поради фалинки во изведбата, булеварското решение со два кружни тека на улицата Стево Теодосиевски, започнатото поплочување на Паркот на Револуцијата со фонтана, и изместувањето на бистите на Љупчо Сантов и Раде Кратовче, уредувањето на речното корито кон бавчалукот и други помали проекти, кои ќе останат за 2022 година. На пример, жителите на Бели ќе ја паметат по тротоарот од градот до селото.

Од негативен аспект годината на изминување ќе остане запаметена по пожарите со катастрофални димензии, енормните загадувања, тензичните настани во населбите Трајаново Трло наспроти Ромското Маало, кои ја спречија реализацијата на изградбата на 20 типски куќи за жителите од старата касарна. Нерешениот сообраќаен метеж во центарот на градот, непоместувањето ниту за милиметар во искористувањето на термалната вода, статус квото со градскиот пазар, споменикот на Локубија, мини акумулацијата на Ајдучка Чешма, застојот на Осоговскиот велосипедски рај, катната гаража.

Стагнирачка димензија, меѓу другото и поради Ковид кризата, се регистрирани во сферата на културата, каде ДАФ по втор пат пропушти да ги добие средствата од Министерството за култура, што негативно се одразува врз неговиот квалитет и содржини.

Уште постагнирачки тенденции се евидентни во спортот, каде ГФК Осогово опстојува во Втората лига, но од сцената ги снема или само живуркаат борењето, ракометот, кошарката, футсалот …

За жал пандемиската 2021 година со себе однесе многу помалку или повеќе познати граѓани чии животи згаснаа од Ковид 19, оставајќи длабока празнина во кочанското секојдневие.

Во предвечерието на 2022 година желбите на граѓаните за подобар и посреќен живот не се помали отколку во минатото. Првенствено во отворање нови странски и домашни фирми, нивен динамичен развој и отворање нови работни места, искористување на расположивите потенцијали и редица други суштински придобивки.

Сподели: