Будинарски стриг на овци

ЗА ОДГЛЕДУВАЧИТЕ НА ОВЦИ ЕДНА ОД НАЈСЛОЖЕНИТЕ ОПЕРАЦИИ Е СТРИЖЕЊЕТО КОЕ СЕ ПРАВИ ВО ПРОЛЕТНИОТ ПЕРИОД И КОЕ ИЗИСКУВА БРОЈНА РАБОТНА РАКА И ЛУЃЕ КОИ СИ ГО ЗНААТ ЗАНАЕТОТ. НАМЕСТО НЕКАКВА ДОБИВКА ОД ВОЛНАТА, СТОЧАРИТЕ ЗАСЕГА ИМААТ САМО ТРОШОК ЗА ДНЕВНИЦИ НА СТРИЖАЧИТЕ.

Екипа на ТВ Кочани деновиве присуствуваше на стрижење овци во Малешевското село Будинарци, каде вредните домаќини со триесетина аргати, за еден ден острижаа над 600 грла од овие благородни животни. Се работи за опсежна операција која бара голема организација, со оглед на фактот дека треба да се обезбедат специјални макази, да се соберат луѓето кои ја знаат работата, да се собере волната и на крај, да се подготви ручек за сите.

И во оваа, како и во секоја друга работа, едни стрижачи стрижат и до четириесетина овци, а помалку вредните и искусните по дваесетина. Самите велат дека работата воопшто не е лесна, бидејќи еден стрижач мора сам да совлада и држи овца тешка над шеесетина килограми и да ја остриже. Сточарите си помагаат меѓусебно кога е стриг, а се ангажираат и платени стрижачи, кои за едно грло добиваат 50 до 60 денари.

Сподели: