Џабе овци кога волната не оди

НИКОЈ ВО ДРЖАВАТА НЕ Е ЗАИНТЕРЕСИРАН ЗА ОТКУП НА ВОЛНАТА КОЈА СЕ ДОБИВА ПРИ СТРИЖЕЊЕ НА ОВЦИТЕ, ПОРАДИ ШТО СТОЧАРИТЕ ИЛИ ЈА ЧУВААТ ВО ОЧЕКУВАЊЕ НА ПОДОБРИ ВРЕМИЊА, ИЛИИ ЈА ФРЛААТ. ИМАЛО ВРЕМИЊА КОГА ЈАГНЕШКАТА КОЖА ВРЕДЕЛА ЕДНА ЧЕТВРТИНА ОД ЦЕНАТА НА ЈАГНЕТО, А СЕГА СЕ ОТКУПУВА РЕЧИСИ БАГАТЕЛНО.

Иако волната во светски рамки е исклучително ценета суровина особено за текстилната индустрија, кај нас таа не вреди ниту денар. Нема кој да ја откупува, ни да ја преработува и понатаму да ја финализира во текстил и текстилни, односно конфекциски производи. Во таква ситуација, сточарите во државава, или бескорисно ја чуваат во надеж дека нешто ќе се промени на пазарот, или едноставно ја фрлаат. Со тоа губат тие, губи и државата, иако се може да биде поинаку, како во Австралија, Нов Зеланд и други земји.

Во светот од една овца се добива и по 7 – 8 килограми волна, додека кај нас количината е значително помала. Квалитетот и вредноста на волната се ценат според должината на влакното, како и по многу други карактеристики. Со оглед на фактот дека по пасиштата во државата се напасуваат се поквалитетни расни грла овци, се подобрува и квалитетот на руното, односно волната, но засега со тоа никој не наоѓа интерес да се занимава.

За сточарите е несфатливо пред две-три и повеќе децении откупот да функционирал без проблеми, а сега во време на современи технологии за преработка, да е замрен. Дури нема откуп и на овча и јагнешка кожа, кои вообичаено се користат во кожната индустрија. Последните откупни цени на јагнешката кожа се движеа од 50 до 60 денари, што е девалвирачки како за сточарите, така и за трговците.

Сподели: