Вода или ќе има, или ќе нема …!?

ЌЕ СТРАВУВААТ ЛИ ВОДОСТОПАНСТВЕНИЦИТЕ И ВОДОКОРИСНИЦИТЕ НА КРАЈОТ НА НАВОДНИТЕЛНАТА СЕЗОНА, ДАЛИ ЌЕ ИМА ДОВОЛНО ВОДА И ДАЛИ КУЛТУРИТЕ ЌЕ ИЗГОРАТ ПРЕД ЕСЕНТА? ДОТРАЕНАТА КАНАЛСКА МРЕЖА И ХАОСОТ ВО ПОЛИЊАТА ЈА ОГРАНИЧУВААТ ДИСТРИБУЦИЈАТА НА ВОДА, А БОСТАНОТ, ДЕТЕЛИНАТА, ПЧЕНКАТА И ДРУГИ КУЛТУРИ СЕ СУШАТ ПОД ВРЕЛОТО СОНЦЕ

Хидросистемот е во катастрофална состојба, земјоделците се недисциплинирани, водостопанствата во подсистемите, како Светиниколскиот се некоординирани, велат во Водостопанство Брегалница, па затоа водата не се распределува подеднакво и од сушата страдаат големи површини. Кризата за вода во поедини атари и полиња се случува во услови кога Акумулацијата Калиманци на почетокот на сезоната беше близу до максималната кота и кога во регионот помогнаа обилни врнежи од дожд во два три наврати.

На околу месец ипол до крајот на наводнителната сезона во Калиманци преостануваат нешто повеќе од 50 милиони кубици вода, при испуст на десетина кубици во секунда. Ако овие количини се бруто вода во езерото, тогаш реално резревите за наводнување се околу 40.милиони кубни метри.  Дали тоа е доволно или не, никој не е подготвен да каже. Тоа значи дека ќе биде неизвесно дали поедини доцни култури во последната вегетативна фаза ќе останат без наводнување.

Инаку, дека системот, особено во делот на каналската мрежа е во катастрофална состојба, потврдуваат зачестените дефекти кај испустни рампи и други објекти, кои ако не се преземат соодветни мерки, можат да предизвикаат поголеми земјоделски катастрофи. Впрочем, Водостопанство Брегалница речиси го изгуби функционално левиот магистрален канал за наводнување, на кој му е потребна темелна реконструкција. Како тргнало, за некоја година водата од Калиманци воопшто нема да стигнува до овчеполието, заради кое практично е изграден хидро-мелиоративниот систем.                                                                                                                              

Сподели: