За тениските терени нема одговорен

ПОЈАВАТА НА ТРЕВА НА ТЕНИСКИТЕ ТЕРЕНИ Е ПОСЛЕДИЦА НА ПОПЛАВИТЕ ОД ОБИЛНИТЕ ДОЖДОВИ, ВЕЛАТ ПОЗНАВАЧИТЕ НА СОСТОЈБИТЕ. КОМПАНИЈАТА КОЈА СТОПАНИСУВА СО СРЦ „ВОДИК“ ГИ НЕМА ВО НАДЛЕЖНОСТ И ТЕНИСКИТЕ ТЕРЕНИ, МЕЃУТОА КАКО ПООДРШКА НА ТЕНИСКИОТ СПОРТ ИЗДВОЈУВА СОПСТВЕНИ СРЕДСТВА ЗА КОМПЛЕКСОТ ДА ФУНКЦИОНИРА. МОЖЕ ЛИ ОПШТИНАТА ТУКА ДА ПОТТИКНЕ ПОДОБРУВАЊЕ НА СОСТОЈБИТЕ?

По објавувањето на снимките и прилогот за состојбата со тениските терени во СРЦ „Аква Тен“ кои ги обраснува трева, се јавија со реакции од повеќе засегнати страни. Од разговорите со повиканите дознавме дека компанијата која стопанисува со центарот, всушност не стопанисува и со тениските терени, туку од позиција на општествено одговорна фирма, за да го помогне тенискиот клуб и да им овозможи на тенисерите рекреативци да спортуваат, низ сите изминати години се грижеше за одржувањето на истите. Притоа издвојувајќи значајни средства кои не е обврзана да ги инвестира.

Па сепак, од компанијата најавуваат дека по појавата на дива трева, пред се поради обилните врнежи, состојбата со терените ќе се санира, за истите да се зачуваат во неопходна кондиција за спортските активности.

Тенисери рекреативци, исто така повикуваат општината да помогне во целата ситуација, за да се зачуваат тениските терени како капитална спортска придобивка, особено поради фактот дека на нив тренираат голем број деца и други млади тенисери. Значаен е и фактот дека тениските терени во Кочани важат за едни од најубавите и најквалитетните во државата, што го потврдиле многумина кои овде биле дел од белиот спорт.

Сподели: