Новата градинка остаре, чекајќи …

ДОДЕКА ВО ДРУГИ ОПШТИНИ ОД ИНИЦИЈАТИВА ДО ИЗГРАДБА НА ДЕТСКА ГРАДИНКА СЕ ПОТРЕБНИ ОКОЛУ ЕДНА ГОДИНА, ВО КОЧАНИ ТОЈ ПРОЦЕС ТРАЕ ПЕТ ГОДИНИ. НЕИЗГРАДЕНИОТ ПРИСТАПЕН ПАТ, КОНСТАТИРАНИТЕ ФАЛИНКИ И ШТЕТИТЕ ОД ВРЕМЕНСКИТЕ НЕПРИЛИКИ, ГО ДЕВАЛВИРААТ ОБЈЕКТОТ КОЈ ТРЕБАШЕ ДА БИДЕ ЕДЕН ОД НАЈМОДЕРНИТЕ ВО ДРЖАВАТА. ДО КОГА РОДИТЕЛИТЕ И ДЕЦАТА ЌЕ ЧЕКААТ ПРИФАЌАЊЕ ?

Додека низ државата детски градинки никнуваат како печурки после дожд, во Кочани една ќе се изгради и таа ќе претставува повеќе проблем отколку придобивка за граѓаните. Иако објектот беше готов пред локалните избори, кога практично беше промовиран како еден од најмодерните во државата, речиси една година подоцна сеуште стои празен и на удар на временските неприлики.

Основната причина зошто детската градинка не се пушта во употреба е што прво е изградена објектот, а пробивањето и асфалтирањето на пристапниот пат е оставен како втора фаза. Меѓутоа, покрај оваа причина, во последно време се почесто се коментира дека на објектот се евидентирани низа фалинки, па додека не се одстранат, истиот не може да биде предаден во употреба. Неофицијално, и невремето и врнежите, токму поради фалинките, предизвикале повеќе оштетувања, што ќе бара поправки и други корекции, за квалитетно и безбедно функционирање на истиот.

Како што стојат работите, на десетина дена пред стартот на учебната година, во рамките на која во градинските се враќаат и дечињата од предшколска возраст, оваа детска градинка нема да може да ги прими планираните 120 деца и да го амортизира се поголемиот притисок од граѓаните, кои војна водат за да фатат место во предшколските установи. Сепак, ТВ Кочани ќе истражи подлабоко за состојбите во градинката, за плановите кога ќе биде ставена во функција и за тоа кој е одговорен што таа со месеци стои неупотреблива. Особено ако се знае дека од најавата за нејзина изградба до сега поминаа пет години.

Сподели: