Бесправната градба на нишан на кривичниот закон

Судската разрешница на една дивоградба во Долни Подлог, за која лицето Бошко Алексов со место на живеење на Ул.Митко Беќарски во Кочани, а престојувалиште во Долни Подлог, заработил кривична пријава и во судска постапка е осуден на една година затвор, условно, доколку во текот на две години не го повтори истото дело, ја подигна на повисок степен одговорноста кога е во прашање бесправната градба, како во државата, така и во Општина Кочани. Случајот предизвика интерес и кај дел од советниците во Советот на Општина Кочани, кои побараа подетална информација, но предизвикаа и коментар на градоначалникот Љупчо Папазов, кој го поврза со тековната постапка за вработување на градежен инспектор токму заради поефикасното справување со дивоградбите. Дотолку повеќе што кривичните дела повлекуваат сериозни казни и големи глоби. кои може да имаат потешки и подолгорочни последици за сторителите.

Инаку за случајот со Долни Подлог карактеристично е што Бошко Алексов , според Пресудата врз основа на признаена вина,  се води како син на таткото Бајрам и мајката Зумбуле, и се јавува како инвеститор на градба на земјиште лоцирано на КП бр.1611 во катастарска општина Долни Подлог, која ја изградил без одобрение на надлежен орган и без соодветна техничка документација. Со пресудата му се одзема објектот на инвеститорот во корист на РСМ.

Меѓутоа бранувањата околу овој случај со судска завршница укажуваат и на други пропусти и слабости  во делот на градежната инспекција, која поради недоволна екипираност, остава можност за пораст на бесправната градба, што од една страна го оштетува буџетот на општината, а од друга ги доведува во непријатна ситуација прекршителите на законот.

Сподели: