Наталија Теодосиева доби признание за најдобра млада уметничка од Претседателот Стево Пендаровски

Mладата и успешна актерка Наталија Теодосиева денеска го доби признанието за најдобра млада уметничка која на свеченост и го врачи претседателот Стево Пендаровски.

  • Да се биде забележана од највисок орган во државата е привилегија и огромна мотивација. Да се биде во друштво со овие мега умови и млади личности кои несебично се борат за својата заедница е награда сама по себе, истакна Наталија Теодосиева

Признанието „Успешни млади” се доделува по трет пат за резултати постигнати во изминатата календарска година во областа на општествените, природно-математичките и техничките, хуманистичките и на медицинските науки, на млади со значајни достигнувања во уметничките и во културните практики, како и во категориите млади иноватори, таленти и успешни млади со попреченост.

Во категоријата „Најдобар млад научник во општествени науки“ носител на признанието е д-р Виктор Стојкоски, додека за Најдобар млад научник во хуманистичките науки e избран м-р Иван Антоновски. За најдобар млад научник во природно-математички и технички науки е избран д-р Андреј Ристески, а за Најдобра млада научничка во медицински науки е избрана д-р Гордана Георгиева.

Во категоријата „Млад талент“, признание добија третоодделенецот Македон Димитровски, ученик во трето одделение во основното училиште „Лирија“ од Тетово, како и средношколецот Алексиј Тасиќ.

Признание за постигнат особен успех и за афирмација на инклузијата доби Нина Костовска.

Во своето обраќање на церемонијата претседателот Пендаровски рече дека како припадници на новата генерација македонски интелектуалци, овие млади луѓе се дел од креативното малцинство кое има потенцијал да направи значајни пробиви во своите области.

„Овие успешни млади луѓе се позитивен пример за нивните врсници, но и за генерациите што допрва доаѓаат. Нивниот пат до успехот не е ни малку лесен, бидејќи бара време и посветеност во континуитет. И затоа од државата мора да биде соодветно награден и вреднуван. Имено, токму тоа е главната цел на признанието „Успешни млади“ – да ја поттикне научната, истражувачката и креативната работа на младите“, рече претседателот Пендаровски.

Со ваквите признанија, додаде тој, сака да го намали иселувањето на младите, образовани луѓе и ја повика државата да им овозможи на сите млади таленти еднакви можности да напредуваат, да ги препознава и наградува најуспешните меѓу нив.

„Само така ќе можеме да ја вратиме довербата кај младите дека можат да успеат и тука, во нивната татковина со својот талент, со својот вложен труд и постигнати резултати“, рече претседателот Пендаровски.

Сподели: