Два концерта на ФА „Љупчо Сантов“ – Оризари

ФА „ЉУПЧО САНТОВ“ СО ДВА ПРЕДНОВОГОДИШНИ КОНЦЕРТА ЗАОКРУЖИ УШТЕ ЕДНА УСПЕШНА ГОДИНА ИСПОЛНЕТА СО МНОГУ МЕЃУНАРОДНИ ФЕСТИВАЛИ И НАСТАПИ НИЗ ДРЖАВАТА. ДВАТА КОНЦЕРТА ВО ЗАРНОВЦИ И ВО ОРИЗАРИ СЕ НАЈУБАВАТА НОВОГОДИШНА ЧЕСТИТКА И НАЈАВА ЗА УШТЕ ПОАМБИЦИОЗНА ПРОГРАМА ВО 2023 ГОДИНА.

Фолклорниот ансамбл „Љупчо Сантов“ од Оризари, тековната година ја круниса со два предновогодишни концерта наменети за публиката од која произлегуваат неговите членови. Првиот се одржа во Зрновци, на 24. Декември, во Домот на културата, каде ансамблот има своја секција, која активно и успешно функционира. Вториот во Оризари, на 25 декември, кој беше збогатен со Новогодишна лотарија, организирана за локалното население.

Публиката на двата концерта имаше можност да ја види најдобрата фолклорна програма презентирана со сплетови и носии, кои изнудуваа долготрајни аплаузи.

Значајно е да се истакне дека во 2022 година Ансамблот оствари учество на рекордни 24-ри фестивали и манифестации во Македонија (Оризари, Кочани, Зрновци, Виница, Македонска Каменица, Делчево, Пехчево, Кратови, Радовиш, Василево, Охрид, Велес и други) со 59 настапи успешно презентирајќи го изворниот фолклор од Осоговијата.

            Ансамблот имаше учество на 7 Меѓународни фолклорни фестивали во странство (Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Бугарија). На фестивалите во странство имаше 16 настапи. На V-от МФФ „Џивџан Фест“ одржан во Врњачка Бања, Србија со учество на повеќе од 1600 фолклористи, Ансамблот доби награда  за најдобра изворна кореографија за орото „Крстачка“. Исто така на XIII-от МФФ „Босилеградско Краиште Пева и Игра“ одржан во Босилеград, Србија, Ансамблот доби диплома за најубава изворна машка и женска носија.

            Фолклорниот Ансамбл „Љупчо Сантов“ од Оризари, по повод верскиот празник Ѓурѓовден, оваа година од 5-ти до 8-ми мај го одржи IХ–от Меѓународен Фолклорен Фестивал „ТРАДИЦИОНАЛНИ ЃУРЃОВДЕНСКИ ОБИЧАИ, ПЕСНИ И ОРА“ ОРИЗАРИ, со фолклорни концерти во с. Видовиште, Зрновци, Оризари и во Зрновци и со над 700-ни учесници од Македонија и од странство (Црна Гора и Србија).

            Ансамблот во моментов брои над 180 членови, а во негови рамки работи и оркестарот на изворни народни инструменти. За одбележување е активната соработка со локалните самоуправи на општина Кочани и општина Зрновци, како резултат на што имаше активно учество на сите манифестации. Ансамблот и за 2023 година планира богата програма со учество на бројни фестивали и манифестации, како во Македонија, така и во странство.

            Двата концерта се најубавата честитка од Фолклорниот Ансамбл „Љупчо Сантов“ на Новогодишните и Божичните празници на сите жители на Оризари, Зрновци, Кочани и цела Македонија, со желби за добро здравје, среќа и бериќет.

Сподели: