Испревртени медиумски вредности

ТОА ШТО „РЕПОРТЕРИ БЕЗ ГРАНИЦИ“ ВИДЕЛЕ НАПРЕДОК ОД 19 МЕСТА НА МАКЕДОНСКИТЕ „СЛОБОДНИ“ МЕДИУМИ ОД 2022 ДО 2023 ГОДИНА, НИ ПРИБЛИЖНО НЕ ЈА ОДСЛИКУВА РЕАЛНОСТА, ОСОБЕНО КОГА СЕ ВО ПРАШАЊЕ РЕГИОНАЛНИТЕ И ЛОКАЛНИТЕ МЕДИУМИ. НЕКОЈ НЕУПАТЕН ЌЕ СИ РЕЧЕ ТАМУ ТЕЧЕ МЕД И МЛЕКО ВО МЕДИУМСКАТА СФЕРА, А ОВДЕ НОВИНАРИТЕ СЕ БОРАТ ДА ПРЕЖИВЕАТ.

Економски зависното и неслободно новинарство во Македонија му се радува на Светскиот ден на слободата на медиумите во очекување дека државата конечно ќе направи нешто за достоинството и професионализацијата на оваа професија. Без тоа извештајот на „Репортери без граници“ е само игра на бројки добиени по некакви европски или светски  формули, кои се неприменливи во наши услови. На пример, за каква слобода на медиуми станува збор, кога во нив работат новинари на кои им кркорат цревата поради нискиот стандард, и со каква мотивација тие би тргнале во борбата за вести, информации и истражувачко новинарство.

Но, да регистрираме дека Македонија е рангирана на високото 38-мо место од вкупно 180 земји во светот според Глобалниот индекс за слободата на медиумите на „Репортери без граници“. Тоа е скок од 19 места во однос на 2022 година и е најдобро позиционирана во регионот на Западен Балкан, пред Црна Гора (39), Хрватска (42), Косово (56), Босна и Херцеговина (64) и Србија (91) и Албанија (96). Неупатен човек ќе си рече таму тече мед и млеко. Да ти е ќејф да си новинар. А реалноста е сурова, посурова здравје.

Инаку, иако телевизијата е доминантен извор на информации, онлајн медиумите се повеќе играат важна улога. Но, мора да се направи разлика помеѓу професионални онлајн редакции кои вработуваат професионални новинари и објавуваат оригинална содржина и поединечни портали кои прават плагијат и копи-пејст на туѓи содржини.

Според извештајот за Глобалниот индекс на слободата на медиумите, средината во која работат новинарите е лоша во дури седум од 10 земји, а задоволителна во само една од три земји.

Ако ваквите бројки и оценки се сведат на локално ниво, ќе излезе дека Репортери без граници од шумата не ги гледаат дрвјата. За каков напредок се зборува кога се затвораат национални, регионални и локални медиуми. Кога политичари и владици отвораат медиуми, кога на сила се контрапродуктивни закони. И особено кога од такви медиуми одамна не може да се види, чуе, или прочита асална професионална информација.                                                                             

Сподели: