Нема пари за семе, се сее ланска арпа

СКАПИОТ УВОЗЕН СЕМЕНСКИ МАТЕРИЈАЛ ОД ПРВА ИЛИ ВТОРА РЕПРОДУКЦИЈА, КОЈ ЧИНИ НАД 130 ДЕНАРИ ЗА КИЛОГРАМ ПРИНУДУВА СЕ ПОВЕЌЕ ЗЕМЈОДЕЛЦИ ДА СЕАТ МЕРКАНТИЛ, ШТО СЕ ОДРАЗУВА НА КВАЛИТЕТОТ И НА ПРИНОСИТЕ. НИКОЈ ВО РЕГИОНОТ И ВО ДРЖАВАТА НЕ СЕ НИ ОБИДУВА ДА ИЗГРАДИ СТРАТЕГИЈА ЗА КВАЛИТЕТНО ОРИЗОПРОИЗВОДСТВО.

Ниту во производствениот регион, ниту во државата некој има стратегија кога е во прашање семенскиот материјал кај оризовата култура и неговата употреба во полињата. А без квалитетно семе нема квалитетен род, зголемени приноси и производство на поголеми количини храна, за што државата се залага. Во примената на семињата владее целосен хаос, бидејќи секој сее тоа што го има, или ќе го најде, и во зависност од цената. Најголем број земјоделци наместо репродукција на оригинални семиња, во нивите фрлаат меркантил, односно арпа од ланската реколта. Таа може да се набави по цена од 30 до 40 денари за килограм. Увозните семиња се четири пати поскапи и достигнуваат цена до 130-140 денари за килограм.

Инаку, во последните десетина години доминантни се италијанските и турските сорти на ориз, со карактеристики првите да имаат подобра цена на пазарот, а вторите да се со покус рок на вегетација и со подобри приноси.

Ако своевремено Групацијата за ориз градеше стратегија во кои полиња каков семенски материјал ќе се употреби, а и Институтот за ориз во Кочани произведуваше сопствени сорти, како што беа Осоговска, Нада и други, две-три децении подоцна, земјоделците му се враќаат на меркантилот, што само по себе зборува како се развива и каде оди оризопроизводството. И сето тоа во услови кога државата фрла огромни средства за субвенции.

Сподели: