Екологистите немоќни пред институциите, минихидроцентралата на Мала Река се гради

ИЗДАДЕНИТЕ ДОЗВОЛИ ОД СТРАНА НА НАДЛЕЖНИТЕ ИНСТИТУЦИИ, И ПРЕСКАПОТО ЕВЕНТУАЛНО ОБЕШТЕТУВАЊЕ НА ИНВЕСТИТОРОТ ОД АСТРОНОМСКИ НАД 20.МИЛИОНИ ЕВРА ДОКОЛКУ НЕ МУ СЕ ДОЗВОЛИ ГРАДБА, СЕ ЧИНИ СЕПАК ЌЕ ЈА НАПРАВАТ НЕМИНОВНА РЕАЛИЗАЦИЈАТА НА МИНИЕНЕРГЕТСКИОТ КАПАЦИТЕТ НА МАЛА РЕКА, ДУРИ И БЕЗ ОГЛЕД НА ПОТЕНЦИЈАЛНИТЕ НЕГАТИВНИ ВЛИЈАНИЈА ВРЗ ПРИРОДАТА ОКОЛУ ЕЗЕРОТО ГРАДЧЕ И ОСОГОВИЕТО. ВО КЛИСУРАТА НА МАЛА РЕКА ВЕЌЕ СЕ РАСЧИСТУВА ВЕГЕТАЦИЈАТА И СЕ ПРОБИВААТ ПАТИШТА.

Кога пред околу три години, односно во септември 2020 година, започна првото расчистување на теренот во клисурата на Мала река, заради изградба на минихидроцентрала за производство на електрична енергија, а граѓаните преку еко-здруженија, бурно реагираа, при што проблемот стигна до советот на Општина Кочани, се чинеше дека реализацијата на овој енергетски капацитет ќе запре. Многумина поверуваа дека мали хидроцентрали во регионот и во државата воопшто нема да се градат, особено откако тогашната влада излезе со став дека државата ќе ги обештети инвеститорите.

Меѓутоа, три години подоцна, конкретно деновиве, градежна механизација повторно е кај Мала Река, каде работи на пробивање на пристапни патишта со цел наскоро да започне изградбата на, за граѓаните, спорната минихидроцентрала. Екипа на Актуелности ги забележа активностите на градежна оператива од Скопје, кои го расчистуваа теренот и пробиваа пат по коритото на Мала река.

Малку подлабоко се поставени и две информативни табли од кои на едната, меѓу другото, јасно стои дека е забранет влез за невработени, а на другата дека инвеститор е фирмата ДИС енергија ДОО Скопје, од каде се и проектантот и изведувачот на градежните работи, а единствено надзорот е локален. 

Инаку, во 2020 и 2021 година, во Кочани се водеа жестоки полемики околу негативните инпликации од изградбата на ваков енергетски капацитет, како врз животната средина, така и врз езерото Градче. Во Советот можеше да се слушне и барањето релевантна институција да одговори, каква заштита може да обезбеди инвеститорот при изградбата и во процесот на функционирање на хидроцентралата. Но во меѓувреме како да се заборави на овие барања. Своевремено за Мала река се спомнуваше донесување одлука од страна на Советот на општината за распишување референдум за изјаснување на граѓаните дали се за, или против изградбата на Минихидроцентралата.

Сподели: