Започна грејносезонското гушење на кочанци

Вчера Кочани високо котираше на табелата на загадени градови, со измерени 95.377 микро грама ПМ 10 честички на м3, што претставува висока загаденост и по што е во самиот врв на загадените градови во државата. Граѓаните иако знаат, сепак се прашуваат дали енормното загадување е само последица на оџакот на Пајпер мил, дали на стартот на грејната сезона и палењето на шпоретите на дрва, или пак на некој трет загадувач. Бидејќи од палењето на стрништата и сламата сигурно не е, затоа што во октомври никој не пали по полињата. Градоначалникот Илијев вели дека рацете му се врзани кога е во прашање борбата против загадувачите, бидејќи општината е со ограничени овластувања, па нема основ да реагира против конкретни загадувачи.

Утрово, во 06.00 часот, на пример, мерењата на квалитетот на воздухот на Министерството за екологија, за регионот на Кочани, покажуваат многу ниска загаденост. Одтука, за да добие одговор на некои од прашањата за загадувањето, Општината ја ангажираше специјализираната фирма „Еуромакс Контрол“, која треба да изврши мерења во сите делови на градот и пошироко, за да се утврдат критичните жаришта и точки, и потоа да се преземат соодветни мерки. Оваа фирма ќе работи во наредните дванаесет месеци,за да даде оценка за квалитетот на животната средина на подрачјето на општината, при што ќе врши контрола, анализа и информирање за повеќе битни параметри, што локалниот буџет ќе го чини околу 9.000 евра. Засега останува отворено прашањето, дали до резултатите и извештајот на фирмата, борбата против загадувањето општината ќе ја води како и до сега, со парцијални решенија и ограничени надлежности. Прашањето е дотолку поактуелно, ако се има во предвид сезоната на зголемена загаденост и опасностите што ги предизвикува Корона вирусот. 

Сподели: