Колку жители има Општина Кочани?

АКО СПОРЕД ПОСЛЕДНИОТ ПОПИС НА НАСЕЛЕНИЕТО ОД ПРЕД ДВЕ ДЕЦЕНИИ ОПШТИНА КОЧАНИ БРОЕЛА 38.092 ЖИТЕЛА, А ПРОЦЕНКИТЕ ОД 2016 ГОДИНА СЕ НЕШТО ПОМАЛИ, ТОГАШ КОЈА Е СЕГАШНАТА РЕАЛНА БРОЈКА. НЕМАЊЕТО ОФИЦИЈАЛНИ ПОДАТОЦИ ГЕНЕРИРА ПРОИЗВОЛНОСТИ КОИ САМИ ПО СЕБЕ ЗБОРУВААТ КАКО ФУНКЦИОНИРАМЕ КАКО ДРЖАВА.

Во услови на речиси две децении без спроведен попис на населението, сеуште  официјални се податоци од последниот Попис од 2002 година, според кој општина Кочани брои 38.092 жители. Од нив 19.192 се мажи, а 18.900 се жени, или бројот на мажи е поголем за 292. Според истиот попис, бројот на домаќинства изнесува 11981, а бројот на станови 14.464.

И бидејќи попис сеуште нема, Државниот завод за статистика е доведен во ситуација секоја година да објавува Проценка на населението, но и тука последната е од пред четири години, односно од крајот на 2016 година. Според неа, вкупниот број на населението изнесува 37758 жители, од кои 18.900 се мажи, а 18.862 се жени, што значи дека соодносот приближно е 50 спрема 50 проценти.

Но, то се само проценки, бидејќи во одсуство на попис на населението со целата негова комплексност, можни се значајни отстапувања во повеќе сегменти. Во актуелната ситуација за граѓаните и за суштинските показатели мошне значајно е да се знаат податоците колкав број, на пример, од населението е надвор од земјата, колку жители има во градовите а колку во селата, како и редица други податоци кои се битни за стратешкиот развој на државата и краткорочните, среднорочните и долгорочните планирања.

Сподели: