Двомилионска Македонија покуса за 500.000 граѓани

Тоа што ние не го знаеме, или не го кажуваме, го кажа Светска банка. Од Македонија до сега се иселени половина милион граѓани, или една четвртина од населението. Од нив, две третини се работоспособни, а една третина се високостручни кадри, најголем дел од ИТ секторот, но не заостануваат ниту здравствените работници, возачите и други. И ако нашите политичари се прават на удрени, светските банкари сериозно предупредуваат дека мора да се преземат чекори за да се спречи одливот на таленти од земјава, бидејќи во ризик е економијата, пазарот на труд, но и одржливоста на пензискиот и здравствениот фонд.

Во Кочани, како и секаде низ државата, фирмите се соочуваат со недостиг на квалитетна работна рака, што полека но сигурно ја нагризува продуктивноста. Таквата состојба ќе ги оттргне потенцијалните инвеститори кои вообичаено бараат што поевтина, но квалитетна работна сила. А таа не останува во државата, гледајќи ги партиските вработувања и протекционизмот на поранешните и актуелните владејачки структури.

Каде се наоѓа нашата држава според одливот на кадар, најдобро зборува споредбата со 24 земји од Источна европа. Имено, Макеоднија заедно со Ерменија, Молдавија и Босна и Херцеговина, е во групата од каде има најголема миграција на високобразовниот кадар. Тоа само по себе зборува за економските и социјалните состојби во овие земји, како и за бесперспективноста.

Сподели: