Касарната и жителите неразделни …

Кога во декември, 2018 година беше спроведена тендерската постапка за избор на фирма за изработка на планот за објектите во кои треба да се сместат жителите од старата касарна покрај Спомен домот Асном, и воедно беше најавен почеток на нивната изградба во пролетта 2019 година, се чинеше дека овој децениски проблем на кочанчани, конечно ќе биде решен.  Дури беше договорено да се поднесе апликација за финансирање на овој проект со пари од државата преку Стратегијата за ромски прашања. Во планскиот опфат беа планирани околу 20 градежни парцели за исто толку семејства во близина на Фабриката за вода.

Речиси две години подоцна, ниту земјиштето е израмнето, ниту другата инфраструктура е изградена, што значи дека на популарните бараки сеуште не им се удрени ниту темелите.

Инаку, според проектот, предвидено е градежните парцели да се со површина од околу 380 метри квадратни, а објектите кои ќе се градат на нив да се со корисна површина од 140 метри квадратни. Во оваа станбена површина секој објект треба да содржи четири простории, односно спална и дневна просторија, кујна со трпезарија и бања. Загревањето ќе биде решено со клима уреди, со приклучок на водоводната и канализациската мрежа. Пристапот до нив ќе биде решен со пробивање нова улица.

Тогаш Општината овој проект го туркаше со забрзана динамика, со цел да се реши повеќедеценскиот проблем со дваесетината семејства кои тука своевремено се населија нелегално и формираа еден вид заедница која живее во субстандардни услови, со полски ве-цеа, чешма и одвод на отворено и многу други нерешени прашања, на што реагираат првите соседи на касарната.

Сподели: